
Минхенската безбедносна конференција, од февруари 2025 година, ќе остане забележена во историјата. Заслужен за тоа е американскиот потпретседател, Џ. Д. Венс. Нејзините рефлексии ќе се чувствуваат уште долго време, особено во Унијата. На директен и аргументиран начин, Венс ги критикуваше европските двојни стандарди, што никого не остави рамнодушен. Се’ што беше кажано беше точно и токму затоа се создаде широко незадоволство кај посочените од Брисел. Говорот предизвика страшна експлозија, иако не беше неочекуван туку некако логичен, по се’ што најавуваше новата американска администрација. Но, да одиме по ред.
Прво, мора да се одаде највисоко признание на иницијативата на Трамп да се прекине крајно погрешното, непотребно и штетно сатанизирање на Русија. Тој го прекина бесмислениот и контрапродуктивен обид за нејзина изолација. Неговиот долг телефонски разговор со Владимир Путин, и средбата на двајцата министри за надворешни работи, што следуваше во Ријад, Саудиска Арабија, означуваат драматични промени на светската политичка сцена. Тие беа незамисливи и до пред само неколку месеци. Неспорен повод е прекинување на безумната војна во Украина.
Новата политика на Трамп, всушност, ја потврди тезата дека војната е меѓу САД и Русија, а Украина е само под изведувач, и тешка колатерална штета! Уште подиректен доказ за тоа се и повторуваните изјави на Трамп – ако тој беше претседател, војна – немаше да има! Со други зборови, виновен е – Џо Бајден! Дека е така сите знаевме, а за тоа посведочија и повеќе американски објективни аналитичари, меѓу кои и Џефри Сакс. И покојниот Кисинџер, внимателно оцени – „своја улога во војната имаат и САД“. Очигледно, не биле измислени и обвинувањата дека Вашингтон е спремен да ја води оваа војна – до последниот Украинец.
Во Минхен, Венс им одржа лекција на лидерите на ЕУ посочувајќи им дека:
а) „заканите им се од внатре, а не од Русија или Кина“;
б) имаат екстремни цензури;
в) не можат да ја контролираат миграцијата;
г) поништувањето на претседателските избори во Романија е – нелегално…
Венс отворено ја подржа и десницата во Унијата.
ЕУ нема до сега добиено ваква шлаканица. Вашингтон јасно им стави до знаење дека водат погрешни политики, и сосема е во право. Да не одиме подалеку – надвор од умот се европските залагања за продолжување на војната во Украина и калкулациите дека Киев може да победи! Чиста глупост!
Зарем е можно на лидерите на Унијата да не им е јасно дека Европа не може да биде обединета без Русија, дека без неа нема ниту безбедност, ниту развој и напредок на континентот? Заборавиле ли дека, во 19 век, едни од првите коишто се залагале за обединета Европа биле токму руски интелектуалци? Тие сметале дека таа мора да биде од Владивосток па се до Атлантикот.
Впрочем, Европа е поголема колатерална штета од војната, отколку самата Украина! Загуби евтини руски енергенти – гас, нафта и други минерали, врз основа на кои забрзано се развиваше; се прекинаа логистички канали; се зголемија трошоците за одбрана… Зарем Брисел се’ уште не е свесен дека токму затоа сите членки, а нагласено Германија, имаат сериозни економски проблеми? И, место ЕУ да аплаудира што САД се обидува брзо да ја прекине војната, тие дури закажуваат нови санкции за Русија! Просто да не веруваш!
Истовремено, ЕУ се чувствува и навредена, исто како и Украина (Зеленски), што не беа поканети на состанокот во Ријад. Тоа е повторно за чудење. Ако веќе таму не е генералот Келог, којшто е од Трамп лично задолжен да ја заврши војната, зарем не им е јасно дека, ПРВО, мора да се испеглаат американско – руските односи, коишто се на најниско можно ниво? Немаат амбасадори, персоналот на мисиите е намален на минимум, долго време немаат никакви контакти, освен американските санкции…
А пораките од Вашингтон беа сосема јасни – решение за војната нема да се бара без Украина и ЕУ. Што е и логично. Арно ама, во паниката која ја зафати ЕУ, прв се посрамоти Макрон, кој набрзина свика состанок во Париз, и тоа ден пред средбата во Ријад! Тотален апсурд. Ако веќе сакаше да организира некаква реакција, тоа мораше да биде ден по Ријад, кога ќе се знаеше барем нешто од тоа што се разговарало, а не пред. Тој ја увиде грешката, та нов состанок свика и ден по Ријад! Да не е смешно, би било жалосно.
Во основата, иницијативата на Макрон беше одговор на изоставувањето на ЕУ од средбата во Ријад. И, што направи? Место да ги свика сите членки на Унијата, евентуално и Велика Британија, тој повика само седум од нив!? Ем лут, што не ги повикале, ем тој не ги кани сите! Од грешка, во грешка. Во паника, никогаш не се прават добри чекори.
Последиците од овие тевтонски промени имаат светска димензија ама, сепак, најголема жртва е – Европската Унија. Таа е сега по поделена од кога било и нејзиното функционирање, коешто е проблематично подолго време, сега ќе биде речиси и тешко возможно. Нејзин основен проблем е што нема, ниту некогаш ќе има – заедничка надворешна и безбедносна политика. Членките (27), не можат да се договорот, а разликите се предлабоки за тоа да се постигне.
Токму затоа, САД се јавуваат како нивен ментор. Факт е дека Европа зависи од американскиот безбедносен чадор кој е, пак, потребен заради конфронтираноста меѓу Вашингтон и Москва! Чист маѓепсан круг бидејќи друга опасност за Европа – нема! Основоположник на американската политика дека опасноста за Европа, ама и за светот – доаѓа од Москва, е Збигњев Бжежински. Во тоа можеби имало некаква логика во времето на СССР, ама сега ем воопшто не е така, ем е тоа спротивно на фундаменталните интереси на Европа.
По распадот на СССР, Москва воопшто не води империјална политика иако е, со право, концентрирана на својата безбедност. Од таму произлегоа проблемите со Грузија, порано, и со Украина, сега. Чиста небулоза е дека по Украина, Русија ќе тргне и на Балтикот и, зошто да не, и на остатокот на Европа! Поголема глупост, здравје. Русија е далеку најголема држава во светот, огромна, со преку 17 милиони квадратни километри. Таа е федерација составена од 85 единици (!?) и, што, ќе „брка“ нови територии? Чиста бесмислица. Целосно надвор од умот.
Или, што мислите, ако Москва навистина тргне кон Балтикот, што е првокласна будалштина, НАТО ќе го брани? Во никој случај. САД нема да влезат во неизбежна нуклеарна војна заради ниту една членка. Членот 5 на договорот за алијансата е – мижи да те мамам. Веројатно и ќе го сменат!
За нас е важно дека ваква ЕУ, каква што е сега, уште многу, многу долго – нема ни да помислува на проширување. Можеби и никогаш повеќе на начинот како до сега. Тоа мора да биде јасна порака и за Македонија.
За крај да заклучиме – не е спорно дека, по многу што, САД се држава број 1 во светот. Почнувајќи од личните слободи, преку музиката, филмот, модата, социјалните мрежи, па се до економијата, стандардот на народот, воената моќ… Нивна црна точка, меѓутоа, беше надворешната политика. Таа се сведуваше на улога на светски џандар, којшто правеше што сака и кај што сака. Македонија е најдобар пример за тоа.
Сите голготи низ кои минуваме три и пол децении по независноста, се нивно дело. Резултат на нивната „длабока држава“. Да се надеваме дека сега – таа дефинитивно ќе се „демонтира“. Првиот чекор е направен со УСАИД, којшто регрутираше платеници за да работаат против сопствените држави. Меѓу нив беа новинари, „невладини организации“…
Ова е прилика да расчистиме и една наша заблуда, привид или (свесно?) сопствено слепило. САД никогаш ниту биле ниту се наш партнер, камоли – стратегиски. Бевме само ние нивен, кога понизно слушавме и спроведувавме се’ што ни диктираа, цели 35 години. Во огромен број случаи, тоа беа работи длабоко спротивни на нашите фундаментални интереси.
Нашата нова власт воспостави директни односи со администрацијата на Трамп и треба да се вложат максимални напори единствената светска сила да го промени односот кон Македонија. За тоа, покрај аргументи, сега има и услови. Ние не можеме да бидеме нивни партнер, најмалку стратегиски, бидејќи такви капацитети објективно немаме. Но, барем, да се избориме да бидеме третирани на праведен, коректен и принципиелен начин. Ние не бараме ништо повеќе. Се чини дека политиките на Трамп ќе водат во таква насока, ќе овозможуваат таков однос, а наше е да се избориме за тоа.
Најновите активности на премиерот Мицкоски во САД, и презентациите коишто таму ги имаше, се добра основа и нека бидат почеток на промена на нашиот третман. Во претстојниот период, тоа мора да биде и основен и главен приоритет на нашата надворешна политика. Повторно сме ние на потег.