
Изборот за директор на Филхармонија ќе биде спроведен законски, уверува министерот за култура Зоран Љутков, по денешната средба со Синдикалната организација на вработените во Филхармонија.
Како што информира Љутков, формирана е комисија која треба да достави извештај за пристигнатите кандидатури. Има пет кандидати за директор и директор ќе биде оној којшто ги исполнува сите услови коишто постојат во законот.
Синдикалната организација на вработените во Филхармонија денеска одржаа протест пред Министерството за култура со апел Министерството да ги почитува законските одредби при избор на директор на конкурсот кој заврши минатата недела, по што беа примени на разговор со министерот Љутков.
Владимир Лазаревски, од Синдикалната организација на вработените во Македонската филхармонија, по средбата рече дека добиле уверување од министерот дека ќе постапува законски, дека изборот за директор на Македонска филхармонија ќе биде спроведен законски, а тоа значи дека кандидатот ќе има пет години работно искуство во културата, сертификати и се што е пропишано во конкурсот.
Очекуваме дека ќе си го исполни својот збор. Наше е да реагираме, наше е да се плашиме кога претходно пред да биде распишан конкурсот од политичари, од вицепремиер, дознаваме кој ќе биде со име и презиме и со тоа се нарушува легитимноста на конкурсот. И затоа наше беше денеска да протестираме и да покажеме дека сме загрижени. Верувам министерот ќе си го одржи неговиот збор – изјави Лазаревски.
Сите овие изминати години, посочи Лазаревски, им дава за право да реагираат предвреме бидејќи, како што рече, биле сведоци сите овие години на тортура од страна на Министерството за култура и затоа ние излеговме денеска на овој јавен протест.
Министерот за култура, Зоран Љутков, по средбата, изрази жалење што морало ова да биде на ваков начин „прво да се направи протест, па се разговара“.
Не би сакал да коментирам ништо што е во процес. Во тој момент беше во процес конкурсот избор на директор на Филхармонија, како што имаме и на други 78 институции коишто ќе следуваат во периодот. Нивното барање беше овој конкурс да биде законски. Се разбира ќе биде законски. На, 17.02 заврши конкурсот, денеска е избрана комисијата. Сега бев информиран дека се пристигнати пет апликации. Има пет кандидати за директор. Комисијата ќе работи во наредниве денови и ќе ми достави извештај од пристигнатите кандидатури. Директор ќе биде оној којшто ги исполнува сите услови коишто постојат во законот. Не би сакал однапред да се сугерира дека ќе биде незаконски конкурсот. Јас незаконски не работам – изјави Љутков.
Досега, посочи Љутков, сум назначил повеќе од половина од директорите на огласи преку Министерството за култура и секој избор на директор бил законски.
И втората работа, мислам ова не е синдикално прашање бидејќи сите услови коишто постојат во Филхармонија се исполнети. Има одлична програма, одлична зграда, одлични плати, се што се случува околу Филхармонија е во најдобри услови. Ве уверувам дека така ќе биде и со изборот на директор. Имиња во делот на културата не може да се лицитираат затоа што во култура се бира според конкурс – нагласи Љутков.
Во однос на пишувањата во медиумите дека имало политичко договор, Љутков, изрази уверување дека „ќе биде избран тој што ги исполнува сите услови, законски“.
Многу ми е жал тоа што излезе името на Мустафа Имери на таков начин. Ќе кажам дека постои конкурс и дека ќе биде избран тој што ги исполнува сите услови, законски. После изјавава ќе проверам колку точно кандидати, но би сакал прво комисијата да ги провери сите кандидатури и да ми даде извештај, прво дали ги исполнуваат услови, а ако ги исполнуваат условите дали заслужува да биде избран – изјави Љутков.