Skip to main content

Кремљ: Голем дел од Украина сака да биде руски, што одговара на изјавите на Трамп

Портпаролот на Кремљ рече дека значителен дел од Украина сака да биде руски и дека тоа одговара на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходниот ден рече дека Украина еден ден би можело да стане руска.

„Фактот дека значителен дел од Украина сака да стане руски и веќе стана руски е реалност“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, мислејќи на анексиите на украинските територии во есента 2022 година.

Русија тогаш ги анектираше регионите Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје, откако организираше референдуми во тие конфликтни зони. Претходно, во 2014 година, го анектираше полуостровот Крим.

„Луѓето што и покрај многубројните опасности чекаа во редици и гласаа во текот на референдумот за приклучување кон Русија – ова во голема мера одговара на зборовите на Доналд Трамп“, изјави вчера Песков.

Вчера американскиот претседател ја спомена можноста Украина „еден ден да стане руска“ и побара надомест за помошта што САД му ја дадоа на Киев, што, според агенцијата Франс прес, дополнително ги замати работите во врска со позицијата на новата американска администрација за конфликтот.

„Можеби ќе постигнат договор, можеби нема да постигнат договор. Може еден ден да бидат руски, или може да не бидат руски еден ден“, рече Трамп во интервју за американската телевизија Фокс њуз. Тој повтори дека сака да добие надомест за помошта што САД ѝ ја дадоа на Украина, во облик на пристап до минералните ресурси.

Во меѓувреме, се интензивираат контактите на високо ниво меѓу Вашингтон и Киев.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски в петок ќе се сретне со американскиот потпретседател Џеј Ди Венс на Минхенската безбедносна конференција.

На годишната конференција ќе бидат и американскиот специјален пратеник Кит Келог, кој треба да замине во Киев на 20 февруари, како и американскиот државен секретар Марко Рубио.

Поврзани вести