![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/befunky-collage-3-1024x1024.jpg)
Со Свечена академија која се одржа во Центарот за култура, Гимназијата „Јосип Броз Тито“ од Битола, одбележа „80 години настава на современ македонски јазик“. На настанот, на кој присуствуваа голем број гости, плакети за особен придонес во развојот на современиот македонски јазик им беа доделени на Претседателката на Република Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска Давкова, градоначалникот Тони Коњановски, Научната советничка во институтот за македонски јазик, проф. Др Веселинка Лаброска, на Aкадемик и претседател на МАНУ, проф.др Живко Попов и Академик проф. Др. Владо Камбовски.
Во своето обраќање пред присутните, претседателката Сиљановска Давкова, нагласи дека, мораме да си го сакаме, негуваме и чуваме македонскиот јазик, затоа што така ќе го сочуваме нашиот заеднички дом, Македонија.
За претседателката на 6 февруари 1945 година, во прекрасното архитектонско здание на брегот на Драгор, што преживеало многу војни и окупации, почна да се пишува автентичната македонска историја и да се живее оригиналната образовна приказна, за првпат на литературен македонски јазик и од Македонци. Ја пишуваа професори и ученици предавајќи и учејќи, размислувајќи и творејќи.
,,Горната” гимназија набрзо прерасна во посакуван и сакан дом на многу генерации ученици, подоцна познати професори, научници, уметници, спортисти, политичари.
Претседателката им изрази на домаќините топла благодарност за доделената плакета за особен придонес во развојот на македонскиот јазик, упатувајќи ја пораката: ,,Мораме да си го сакаме, негуваме и чуваме македонскиот јазик, оти така ќе си го чуваме нашиот заеднички дом – Македонија”.
Во битолската гимназија ,,Јосип Броз Тито” таа препознава расадник на знаење, бедем на македонската култура и верен чувар на македонскиот јазик.
80 години старата гимназија наликува на мудра старица која изродила и воспитала дури 80 генерации млади бунтовни луѓе, желни и жедни за знаење, учење, образование и наука.
На крајот, таа раскажа две лични куси приказни за милозвучниот македонски јазик.
Врвниот квалитет и високото реноме на гимназијата ,,Јосип Броз Тито” којашто важи за една од најпрестижните не само во македонски рамки, туку и пошироко, се потврдија со маестралната поетско-сценска изведба на „Експериментум Македоникум“ од страна на ученичките и учениците на гимназијата под водство на сегашни и поранешни ученици и наставници. Уште еднаш се покажа и докажа на дело надалеку познатиот талент на Македонците за поезија, музика и игра.
На Свечената академија покрај директорката на Гимназијата, Лидија Споа, се обратија и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, претставничката на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, Веселинка Лабровска, претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, академикот Владо Камбовски.
Пред 80 години, одекна првиот час на современ македонски јазик во училниците на битолската гимназија „Јосип Броз Тито“ – како глас што се распламти, како идеја што се втисна, како светлина што го осветли патот на идните генерации. Осумдесет години жива приказна, траен белег, нераскинлив вез од зборови, мисли, идеи и дела.
Македонскиот јазик беше воведен како наставен, да потсетам, врз основа на историското „решение на Антифашиското собрание на народното ослободуење на Македонија за заведуене на македонскиот јазик како службен јазик во македонската држава.
2 август 1944г. Член 1. Во македонската држава како службен јазик се заведуе народниот македонски јазик“. Да потсетам, се заведуе нешто што постои, се разбира, не се заведуе ништо ново.
Оваа гимназија е столб на знаењето, чувар и засолниште на јазикот што низ вековите беше жигосуван, но никогаш покорен.
По осум децении плоден живот, оваа префинета убавица на Драгор, наликува на мудра и почитувана старица која вдомила 80 генерации ученици, гимназијалци, од кои некои, по долгите и кривулести животни кариерни патеки, се вратија дома, овде во овој дом, во гимназискиот во кој учеа, зрееја, се очовечуваа и подготуваа за иднината.
Првиот училишен час во 1945 година за мене не е само почеток на настава на современ македонски јазик, туку е симбол на новото раѓање – преродба на македонскиот народ, чекор кон неговата духовна еманципација. Тогаш, во времиња на надеж, но и неизвесност, кога сè уште се слушаше ехото на војната и нејзината сенка беше надвисната сè уште над татковината, оваа гимназија ја прифати својата историска мисија – да биде светилник на македонскиот јазик, култура и национален идентитет.
Така, по многу Сцили и Харибди, македонскиот јазик конечно и трајно, во Битолската гимназија доби своја куќа, свој дом, свој покрив. Впрочем, на почетокот е зборот и зборот е крајот. А, зборот е и мисла и логос. Впишувајќи ја македонската реч во срцата на генерации и генерации, таа изнедри научници, уметници, просветители, државници – луѓе кои со својот ум и дух ја градат татковината.
Незаборавните наставници и педагози, како и нејзините најдобри ученици кои победуваат не само на математички, туку и на спортски олимпијади направија од неа прва или втора на рангирањата.
Образованието е темел на прогресот на секоја држава и мора да градиме вистински однос кон него. Без знаење, нема напредок – без јазик, нема идентитет.
Македонскиот народ, македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот идентитет се неразделен квартет.
Успешната приказна на оваа институција не се раскажува, туку се живее преку делата на нејзините ученици. Славни војводи и револуционери, бесмртни народни херои, инспиративни академици, почитувани научници, писатели и професори своите први чекори во образованието ги направиле токму во Горна.
Не постои значајна сфера на општествениот живот во која не се чувствува нејзиниот длабок печат, оставен преку влијанијата и трудот на нејзините ученици да постои.
Дури се вели, верувале или не, дека немало влада без некој од Битолската гимназија. И понатаму од оваа гимназија ќе излегуваат луѓе со страст и љубов кон образованието и науката. Вие тоа секојдневно го покажувате.
За мене, пријатно е чувството да говорите за гимназија во која струи национален, но и хуманистички, научен и културен дух и порив за учење, за знаење, докажување, самопрегор и жртва за општото добро.
Каква моќна меморија и порака има оваа гимназија – на првиот час се рецитирале Миладинов и Рацин на мајчин јазик, на македонски според стандардите што ги пропиша нашиот најзначаен лингвист и македонист, Блаже Конески.
Како претседателка и долгогодишна професорка, како некоја која својот живот го посветила на образованието, горда сум на вашите достигнувања. Вие сте вреден и посветен колектив на даскали во најубавата смисла на зборот.
Успесите што ги споменав се потврдени со бројни и значајни одликувања, награди, признанија, како што се Орден заслуга за народ со златна ѕвезда во поранешна Југославија, наградата „Климент Охридски“ и многу други. Вие го следите духот на времето и свесни сте дека природата мораме да ја чуваме и заштитуваме, како дел од неа. Ве препознаа и ве наградија со „Зелено знаме“.
Осумдесет години се зад нас, но пред нас се нови столетија. Ѕвоното што на 6 февруари 1945 година го означи првиот училишен час на македонски јазик продолжи да одекнува!
Почестена сум што токму на овој јубилеј ми ја доделувате плакетата за особен придонес во развојот на македонскиот јазик.
Да порачам – мораме да си го сакаме, негуваме и чуваме македонскиот јазик, оти така ќе го сочуваме нашиот заеднички дом – Македонија!
Нека битолската гимназија „Јосип Броз – Тито“ остане расадник на знаењето, бедем на македонската култура, чувар на македонскиот јазик.
Од срце ви ја честитам оваа годишнина – 80 години триумф на знаењето, истрајноста и љубовта кон македонскиот јазик, учењето, образованието и науката.
На крајот, сакам нешто лично. Секому му е неговиот мајчин јазик најубавиот. На него почнуваме да зборуваме, на него мислиме. Јас ќе ви раскажам две лични приказни зошто цврсто верувам дека македонскиот јазик е прекрасен, не само за мене, туку и за оние кои го слушаат. По завршувањето на осмото одделение најодличните ученици во Југославија одеа во Словенија и таму го поминуваа дел од летниот распуст. И јас бев една од нив. Требаше да организираме приредба на Рошко Кочевје. Три јазици беа службени иако некој го заборава тоа, во бивша Југославија, српско-хрватскиот, словенечкиот и македонскиот. На приредбите режисерот по слушањето рече: „ти мала ќе ја водиш главната приредба“. Јас го запрашав зошто. Одговори: „заради прекрасниот јазик, ама и за љубовта што ја покажуваш кон него. Така, јас ја водев главната приредба. Возрасна, бев експертка во Советот на Европа. Трчаме со една другарка по ходниците и зборуваме со сто километри на час. Нè запира еден господин и вели:„извинете на кој јазик зборувате?“ Јас велам на македонски. Тој коментира: „дали знаете дека кога говорите како да пеете?“ Не, реков јас. Мислев дека така е францускиот и италијанскиот јазик. Не, вели тој, ова ви го кажува претседателот на Светската лингвистичка асоцијација.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, нагласи дека овие денови, кога накратко, ретроспективно со серија настани поминуваме низ времето зад нас, со највисоки суперлативи можеме да дадеме признание на секој поединец кој се образувал и работел во Гимназијата „Јосип Броз Тито“, затоа што заложбите за напредок на институцијата никогаш не замреле, напротив, од година во година, станувале се поголеми, а континуираниот успех и денес создава млади и успешни личности, со големи достигнувања во различни области.
„Темелите на успехот се создаваат само со добро знаење, познавање на сопствениот идентитет, јазик, култура, традиција. Знаењето за нашата богата македонска историја е токму она што ги гради нашите човечки вредности, не поучува, обврзува и насочува кон нашиот придонес, како академски граѓани и градители на татковината.
Битола е град кој во себе сочувал големо културно – историско наследство, а Гимназијата „Јосип Броз Тито“ е меѓу најважните институции во нашиот град, затоа што токму оваа воспитно – образована институција, е една од првите гимназии во Македонија, во која на денешен ден, пред точно 80 години започна да се изведува настава на македонски јазик. Низ годините низ училишните клупи на ова училиште поминале генерации успешни луѓе, лекари, архитекти, инженери, професори, уметници, научници кои негувајќи ги сопствените јазични вредности, едуцирајќи се и образувајќи ги новите генерации станале вистински промотори на Битола и Македонија, насекаде низ светот.
Во основа на сите стекнати знаења, лежи моќта на јазичното изразување кое создава соодветна нарација, го открива непознатото и ги креира убавините кои треба да бидат дел од нашето опкружување. Горди на постигнатите успеси, продолжуваме да бидеме афирматори и промотори на нашиот македонски јазик, кој ни овозможил да започнеме да ги разбираме промените околу нас, но и да бидеме иницијатори на нови позитивни промени. Одбележувањето на еден ваков јубилеј, истовремено ги сублимира впечатоците на многу генерации, потсетува на личниот печат кој секој вработен го оставил во институцијата, посебно подеднакво истакнувајќи ја важноста и на формалното и на неформалното образование“, рече градоначалникот Коњановски, потенцирајќи дека успесите на младите луѓе, продолжуваат да ги негуваат идентитетските карактеристики, да ја градат иднината на нашата татковина, на нашиот град и да ја креираат визијата за прогресивност и успешност.
Директорката на Гимназијата, Лидија Споа, истакна дека училиштето останува столб на заедницата место каде се гради иднината, се почитува минатото и се остава простор за нови идеи и перспективи.
„80 години успех се доказ за нејзината важност и трајност како центар на знаењето, културата и духовното богатство. Оваа гимназија е повеќе од образовна институција. Угледот и успесите на Гимназијата ги потврдува фактот што тука завршиле осумнаесет академици од МАНУ, шест народни херои, градоначалници, ректори, декани, конзули, познати лекари, архитекти, јазичари, правници, уметници, економисти спортисти. Гимназијата е симбол на борбата за културна сувереност и е место каде иднината се проектира низ призмата за сегашноста“, рече меѓудругото директорката Споа.
На Свечената академија, беше изведена претставата насловена „Експериментум Македоникум“, подготвена под менторство на професорките по македонски јазик Даниела Петровска и Симона Петровска, а во истата учествуваа ученици од сите четири години во Гимназијата