![](https://republika.mk/wp-content/uploads/2025/02/20221113204946_big_730x400_5.webp)
Свеченостите во рамки на годинeшните „Прличеви беседи“ продолжија денеска со централнот настан, доделувањето на наградата на лауреатот Андреј Ал-Асади, авторот на поемата „Никогаш пред ил’ потем” избрана за најдобра на традиционалниот конкурс што се распишува во чест на охридскиот поет и преродбеник Григор Прличев.
– За мене оваа награда значи најпрво афримација на моето сопствено долгогодишно поетско творештво, што кулминираше во поема, но исто така и афирмација на младото македонско поетско творештво, рече лауреатот Ал-Асади.
За пишувањето поема, Ал-Асади рече дека има свои специфики, поразлично и од пишување песна и од проза, како што рече, нешто помеѓу тие две изразни форми.
– Пишувањето поема дава повеќе простор за маневрирање со тематиката и наративот од една страна, а истовремено да се запазат сите карактеристики на поетскиот израз. Не е лесно да се пишува поема, но секако е интересно, рече лауреатот.
Славе Ѓорѓо Димоски, претседателот на жири-комисијата што ја доделува наградата, за поемата „Никогаш пред ил’ потем” рече се издвоила од простанатите 12 доставени трудови, како според поетски израз на авторот така и според начинот на кој е изнесена тематиката.
– Предност и се даде на наградената поема бидејќи во неа е пронајдена посебна вредност, во начинот на интерпретација на обработената тема. Темата е од подалечното историско минато, говори за последната битка на Александар Македонски во Индија, рече Димоски.
Во поемата авторот, како што посочи Димоски, бега од историските факти и отвора едно големо филозофско прашање, која е најголемата победа во животот на човека.
– Александар во дијалог со индиски врач на крајот осознава дека тој е духовно поразен. Поентата на поемата е дека духовната победа, духовниот мир е вечното што го краси човекот, рече тој.
Андреј Ал-Асади е роден во 1996 година во Лондон, а дипломирал на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues”, „Под дервишовото сиќе“, „Небесна геометрија“ и „Секој секому огледало“, со кои трипати влезе во најтесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.
Добитник е и на наградата „Енхалон“, што исто така ја доделуваат Струшките вечери на поезијата.
Автор е и на збирките раскази „Друго минато“, за која во 2018 година ја доби наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“ од „Темплум“, и „Утрото на бессоните“ (2021, Бегемот).
Негови песни се преведени на англиски, на арапски, српски, хрватски, босански, на грчки и на италијански јазик. Член е на Управниот Одбор на Скопскиот поетски фестивал.