Skip to main content

„Бата прес“ го објави романот за деца и млади „Олгица и операцијата јагуар“ од романскиот писател Алекс Молдован

Во издание на „Бата прес“, излезе од печат романот за деца и млади „Олгица и операцијата јагуар“ од романскиот писател Алекс Молдован. Делото од романски на македонски јазик го преведе Ермис Лафазановски, а илустрациите се на романскиот уметник Јожеф Вас. Книгата е објавена со поддршка на Министерството за култура и програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија, во рамките на проектот „За нивната иднина“ со кој, книгоиздателството „Бата прес“ објавува 15 книги за деца и млади од 15 европски автори. По романот „Олгица и дедото милионер“, ова е втора книга од Алекс Молдован со истоимениот главен лик, објавена на македонски јазик.
Авантурите на Олгица продолжуваат и во оваа книга, но сега со нови ликови и нови предизвици.
Иако иднината изгледа ветувачка, на Олгица во еден момент ѝ се појавуваат огромни проблеми. Таа треба да ја реши мистеријата, бидејќи нејзиниот дедо-милионер е исчезнат, а тоа пак е поврзано со животот на нејзината мајка која што треба да прави операција колку што е можно побргу. Таа треба исклучително брзо да најде огромна сума пари, а киднаперот што ја направи целата збрка, не е човек со кого може лесно да се преговара.
Но, Олгица е исклучително паметна и има неверојатни идеи. А има и верни пријатели, подготвени во секое време да ѝ помогнат и на пример да ја преземат контролата над надзорните камери на градското собрание, да се соочат со лути кучиња или да му се спротивстават на мафијаш од кого се плашат сите во градот.
Писателот Алек Молдован е роден 1977 година во Клуж – Романија, каде што и сега живее. Вљубеник е во литературата за деца, џезот и е доброволец во друштвото за заштита на животните. Завршил филозофија, превел над триесет книги и работел како книжар. После долги години повторно ја почувствувал потребата да пишува и основал свој блог. Го нарекол Жолтиот велосипед. „Олгица и операцијата јагуар“ е неговиот втор роман.
Илустраторот Јожеф Вас е познат уметник и дизајнер кој исто така живее во Клуж. Лиценца за графика и дизајн добил од Православниот универзитет Партиум од градот Орадеа. Тој почнал да се занимава со илустрации уште од факултетски клупи, кога бил охрабрен од неговите професори и колеги да се насочи кон оваа гранка на визуелните уметности.

Поврзани вести