Skip to main content

Работилница за родители против врсничко насилство во Крива Паланка

Стотина родители на ученици од основните и средното училиште во Крива Паланка присуствуваа на работилницата против врсничко насилство во организација на „Макпетрол“.

Работилницата се одржа во основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“. Модератор на настанот беше актерот Сашко Коцев, кој рече дека е дел од кампањата и како родител. Говорници беа Деспина Стојановска, психолог, дел од националната кампања „Крени глас“ со стручните соработници од училиштата во градот: Жаклина Христовска – педагог во ООУ „Свети Јоаким Крчовски“, Ангела Крстевски – дефектолог, стручен едукатор и рехабилитатор во ООУ „Илинден“ и Гордана Стојковска – социолог во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“.

Психологот Стојановска рече дека темата за врсничко насилство е актуелна, често ја слушаме и сите сме засегнати. 

Засегнати се и жртвите на врсничко насилство, но, засегната е и иднината на нашата земја, зашто од најмала возраст се градат карактерните црти на личноста и единките што ќе го градат во иднина општеството. Насилството остава трауми врз личностите – жртви на насилство. Се разликува по намерата, по траењето, трае подолго време и се повторува во неколку наврати и по тоа што детето кое врши насилство се позиционира себеси над другите за да креира впечаток дека е доминантен, рече таа.

Стојановска, додаде дека тоа има сериозни последици врз средината каде се наоѓа тоа дете.

Најчесто се спомнува физичка агресија, што е видлива со лузни, но, психичкото насилство остава психички лузни кај децата. И често е социјалното насилство, кога ги отфрлаат и исклучуваат децата, кои така губат самодоверба, а групата на деца што го врши тоа, не ја ни чувствува таа одговорност, туку ја споделува. Апелирам да се работи со децата во колективи, друштва, да се измени тоа. Треба децата да ги подготвиме за она што ги очекува. Многу е важно да сме блиски и да разговараме со децата,за да се детектира состојба на врсничко насилство, рече Стојановска.

Таа посочи дека детето жртва го чувствува насилството, но, најчесто се соочува со закана, па за жал, често детето жртва ќе се довери, но, никој не успева да се справи. Таа рече дека треба тој мит да го разбиеме, за да се реши поскоро, зашто сторителот, насилникот, често станува деликвент или криминалец.

Според педагогот Христовска, многу е важно да се види од каде доаѓа причината за вршење насилство.

Ако сакаме да отстраниме состојба, треба да се најде коренот на почетокот на тоа насилство, од каде потребата да се малтретира. Тоа е суштинско прашање и јас повикувам да се обрне поголемо внимание на децата во семејството, зашто системот на семејно насилство на тој начин доаѓа до израз. Детето насилник и самото, најчесто е жртва и ја носи агресијата понатаму. Ние сме воспитно-образовна установа и треба, да се истакне и нагласи, воспитната компонента. Тука нема поделба дали е од домот и семејството, родителите и од наставниците, порача Христовска.

Социологот Стојковска посочи дека бројноста на родителите говори за тоа колку им е важно да бидат едуцирани на оваа тема за што треба постојано да се говори.

Таквите случаи и булинг, насилство – оставаат трајни последици врз физичкото и емоционалното здравје на младите личности. Потребно е мобилизирање на наставниците, на родителите, за да се постигне ефект на безбедни млади, додаде Стојковска.

Оваа работилница е дел од кампањата против врсничко насилство што „Макпетрол“ ја реализира втора година по ред. 

Во оваа учебна година во прво полугодие одржани се седум работилници во 10 општини со кои имаме потпишано меморандум за соработка. Во второто полугодие ова е прва, а остануваат уште 15 до крајот на учебната година. Минатата година во сите општини со кои имаме меморандум се реализираа работилници за ученици во над 150 основни училишта. Годинава фокусот е на родителите, а наша интенција е да продолжиме со активностите во рамки на делувањето како општествено одговорна компанија, подвлекоа од „Макпетрол“. 

Поврзани вести