Академската титула е достигнување за кое размислува мнозинство од младите денес и наша должност е да им обезбедиме квалитетно високо образование. Целта полесно се остварува ако со некого разменувајќи искуства, заедно чекорите по патот, а уште полесно е ако ве води некој што веќе го поминал тој пат. Унгарија е земја која со добро обмислени реформи го унапреди високообразовниот систем, може да биде добар пример и да им помогне на земјите од Западен Балкан.
Како што информира МОН, ова го истакнала министерката за образование и наука Весна Јаневска на Самитот на министри за образование, иновации и култура на земјите од Западен Балкан и Унгарија, што денеска и утре се одржува во Будимпешта, а во чиј фокус е унапредување на соработката во овие области помеѓу земјите учеснички.
Самитот е уште еден исчекор кон јакнење на релациите меѓу земјите од Западен Балкан. Размената на искуства решава предизвици и ни ја подобрува меѓународната конкурентност како регион. Од друга страна пак, повисоката цел е јакнење на соработката со Унгарија и со Европската Унија, рекла Јаневска.
Министерката нагласила дека македонската влада основаше Национално координативно тело за реформи во високото образование, кое ќе ги дефинира промените што ќе го забрзаат неговиот развој.
Како што посочила Јаневска, во план е промена на моделот на финансирање на високообразовните установи и законски измени за објавување на повеќе научни трудови како услов за напредување во звања кои истовремено ќе го подигнат и рејтингот на нашите универзитети на глобалните ранг-листи. Ќе се стимулира модернизација на постојните студиски програми, како и воведување повеќе програми на англиски јазик.
Според Јаневска, и развојот на науката станува национален приоритет и дека во таа насока, буџетот за наука за 2025 година е речиси двојно зголемен споредено со 2024.
Имаме Стратегија за паметна специјализација и активно работиме на остварување на целите дефинирани во овој документ. Чест ми е да споделам дека пред само три дена го отворивме првиот Европски дигитален иновациски хаб, со кој, ја јакнеме истражувачката и иновациска инфраструктура што треба да ја сочинуваат иновациски центри, центри на извонредност и хабови во областите дефинирани со стратегијата, рекла Јаневска, додавајќи дека се работи и на подготовка на нова Национална програма и нов закон за научно-истражувачка дејност, а следуваат и активности за исполнување на обврските од Планот за раст и реформската агенда за Западен Балкан, но и од новата Европска агенда за иновации.
Таа искажала увереност во остварување на целите и визиите, затоа што Македонија, како што истакнала, има голем научен потенцијал.
Имаме многу квалитетни научници – млади, но и искусни, дома и во светот. За пофалба е дека шест од нив во 2021 година се најдоа и на листата на топ 2 процента највлијателни светски научници, публикувана од Универзитетот Стенфорд од САД. Работиме на нивно обединување и стимулација, бидејќи единството, сплотеноста на идеите и вреднувањето на трудот, можат да донесат развој на нашето општество, придонес кон регионалниот, но и кон глобалниот развој, додала министерката.
Министерството за образование и наука соопшти дека на иницијатива на Јаневска, која била прифатена од учесниците, во рамки на следниот самит ќе се организира средба меѓу претставници на најдобрите универзитети и научни институти од земјите од Западен Балкан и Унгарија, од кои се очекуваат нови иницијативи за воведување заеднички студиски програми (двојни дипломи) и истражувачки проекти.