Skip to main content

Мицкоски: Зградите на ФИНКИ и ФФК ќе ги изградиме, но дали ќе имаме за 18 години студенти да ги наполниме

На седницата на Собранието посветена на пратенички прашања во четвртокот, премиерот Христијан Мицкоски се осврна на изградбата на објектите на Факултетот за физичка култура и ФИНКИ, но и за состојбите во образованието од аспект на намалените демографски параметри.

Образованието за нас е приоритет затоа што не може да имате силна држава без силно образование, рече премиерот и продолжи: Во високото образование од каде што доаѓам и јас, изградбата на инфраструктура е многу значајна. Генерално дали се работи за новиот кампус кој планираме да го градиме за универзитетот Мајка Тереза, дали тоа значи изградба на новите згради на факултетите ФИНКИ и ФФК, дали ќе правиме некој нов технолошки парк кој што ќе биде значаен, за мене како претседател на Владата преставува само додадена вредност. Кога вложувате во високо образование, секогаш можете само да добиете, не можете да изгубите.

Тој посочи дека овие згради на факултетите ќе бидат изградени, а со студентите ќе се договори стилот на архитектурата.

Дали тоа ќе биде во постар барок стил, дали во модерен стил, студентите нека кажат. Тие како сакаат така ќе биде. Ние нема да наметнуваме, посочи премиерот Мицкоски.

Она што мене ме загрижува е она што оваа учебна година 2024/2025 за жал матурирале само околу 14.000 матуранти. Ако се вратиме 18 години наназад, тогаш ќе видиме дека околу 10.000 луѓе ни се изгубени. Тоа е нешто кое за мене претставува предизвик, потцрта Мицкоски.

Мицкоски истакна дека ниту овие 14.000 матурирани ученици не се запишуваат на факултетите, со оглед на тоа што на Универзитетот Кирил и Методиј се запишале само 5.000 студенти, а тој запишува повеќе од половината студенти. Тоа според него е загрижувачки параметар, особено ако се земе бројот на новородени сега кои за 18 години ќе бидат потенцијални студенти.

Овие згради ќе ги изградиме, и кампусот на универзитетот Мајка Тереза ќе го изградиме, и други ќе изградиме, но се плашам да не бидат празни за 10-15 години од сега. Затоа ни е потребно да седнеме сите заедно и да креираме нова парадигма и цел каде сакаме да бидеме. На безумието мора да му дојде крај. Не е се политика и не е се желба за власт и моќ, заклучи Мицкоски.

Поврзани вести