
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, како организатор на 27. издание на „Есенски музички свечености“ 2026 Ве известува дека вечерва, 25.11.2026г. (среда) ќе се одржи концерт насловен „Сонатни приказни“ во Салон 19’19 (Културно информативен центар) со почеток во 20:00 часот.
„Сонатни приказни“ е камерна концертна програма на дуото Зоран Станишиќ (пијано) и Стефан Котевски (виолина), посветена на богатството и разновидноста на европското класично музичко творештво.
Програмата опфаќа дела од Паул Хиндемит, Јоханес Брамс, Гаетано Доницети и Едвард Григ, кои преку различни композиторски стилови и музички изрази ја претставуваат разновидноста на европската камерна музика.
Како гости на концертот ќе настапат Јосипа Василевска на флејта и Злате Огњановски на фагот, со што музичката програма ќе биде збогатена со дополнителни инструментални дијалози и камерни состави.
ЗА ИЗВЕДУВАЧИТЕ
Зоран Станишиќ – пијано
Македонски пијанист и корепетитор со долгогодишно искуство во солистичкото и камерното музицирање. Магистрирал пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, а во текот на кариерата настапувал и со Македонската филхармонија. Активно соработува со инструменталисти, вокални уметници и ансамбли.
Стефан Котевски – виолина
Виолинист, дипломец на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Љубиша Кировски. Добитник е на повеќе државни награди по виолина и камерна музика. Настапувал со Македонската филхармонија, Битолскиот камерен оркестар и други оркестарски состави. Од 2024 година е професор по виолина во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“.
Јосипа Василевска – флејта
Млада флејтистка и студентка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. Страшо Темков. Настапувала како солист со Македонската филхармонија и камерниот оркестар „Полифонија“, а има остварено настапи и во меѓународни музички проекти. Добитничка е на 50 високи награди на општински, државни и меѓународни натпревари.
Злате Огњановски – фагот
Дипломиран фаготист на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што дипломирал во 2026 година. Настапува како хонорарен музичар во Националната опера и балет, а меѓународно искуство стекнува и преку учеството во проектот Western Balkan Youth Orchestra. Својата професионална кариера ја гради преку оркестарската и концертната дејност.

Македонски




