
Каратистите на Карате клуб „Кочани“ остварија одличен резултат на меѓународниот турнир „Трофеј Бар“, кој викендов се одржа во Бар, Црна Гора, на кој учествуваа 1.169 натпреварувачи. Каратистите од Кочани турнирот го завршија со вкупно девет медали – три златни, еден сребрен и пет бронзени, потврдувајќи го својот квалитет во силна меѓународна конкуренција.
Во првиот натпреварувачки ден, Наталија Карова освои сребрен медал во сениорска конкуренција во категоријата до 50 килограми, како и бронзен медал во категоријата У21, исто така до 50 килограми. Бронзен медал освои и Христијан Заов во кадетска конкуренција до 52 килограми. Успехот беше надополнет со бронзен медал во екипна конкуренција во кадетска машка конкуренција, во состав Лука Златков и Христијан Заов, заедно со натпреварувач од Карате клуб „Олимпик“ – Скопје.

Вториот натпреварувачки ден донесе уште еден златен медал за КК „Кочани“. Алексеј Ристов се искачи највисоко на пиедесталот во категоријата У10, до 35 килограми. Бронзени медали освоија Калин Сандев во категоријата У11, над 50 килограми, и Илина Костадинова во категоријата У13, до 54 килограми.
Посебен успех беше остварен и во ревијалните екипни борби, каде што двете екипи во кои настапија кочанските каратисти го освоија првото место. Златен медал освои машката екипа во состав Алексеј, Калин и Дамјан, заедно со натпреварувачите од „Олимпик“, како и женската екипа составена од Илина, Душанка и Катерина, заедно со каратистките од скопскиот клуб.
Од КК „Кочани“ упатија благодарност до Карате клуб „Феникс“ – Прилеп и Карате клуб „Олимпик“ – Скопје за успешната соработка и дружењето.
По успешниот настап во Црна Гора, кочанските каратисти се насочуваат кон следниот предизвик – Државното првенство за кадети, јуниори и натпреварувачи до 21 година.

Македонски




