Skip to main content

Во Атина министерски состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“

Во рамките на грчките иницијативи за поддршка и промоција на европската перспектива на земјите од регионот, а во пресрет на претседателството на Грција со ЕУ, в понеделник во Атина ќе се одржи министерски состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“, на кој ќе учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски – јави дописничката на МИА од Атина.

Од грчкото МНР соопштија дека на иницијатива на министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис, Атина ќе биде домаќин на министерска средба на „Групата пријатели на Западен Балкан и партнерите на Западен Балкан“.

„Во фокусот на разговорите ќе бидат одржувањето на динамиката на проширувањето на Европската Унија и забрзувањето на европската интеграција на земјите од Западен Балкан во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан, закажан за 25 ноември, како и на грчкото претседавање со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година. Посебен акцент ќе биде ставен на основните европски вредности, на владеењето на правото, на демократското управување и добрососедските односи, кои повторно беа потврдени во Декларацијата од Делфи од 23 април 2026 година“, соопштија од грчкото МНР.

Дополнително, ќе се разгледа и можноста за искористување на капацитетите на Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР), „со цел да се поддржат реформските напори на партнерите од Западен Балкан во рамките на нивниот европски пат“.

На маргините на состанокот, Герапетритис ќе оствари и билатерални средби со негови колеги, како и со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност и потпретседателка на Европската комисија Каја Калас, како и со европската комесарка за проширување Марта Кос.

Официјална Атина кон крајот на минатата година најави дека ќе преземе низа инцијативи за поддршка на европската перспектива на Западен Балкан во пресрет на грчкото претседателство со Европската Унија во втората половина на 2027 година, а како продолжение на Солунската агенда од 2003 година.

Во рамките на овие иницијативи беше потпишана Делфи декларација пред седум месеци на маргините на Економскиот форум во Делфи, усвоена за време на министерскиот состанок што го свика домаќинот Грција и во присуство на претставниците на шесте земи од регионот, меѓу кои и заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија Зоран Димитровски.

Високи грчки дипломатски извори на почетокот на летото, како што тогаш објави МИА, брифираа дека Грција на есен ќе биде домаќин на состанок на „Пријатели на Западен Балкан“ и тогаш за европската перспектива на земјите од регионот посочија дека Атина инвестира во овој процес и е во редовен контакт и со Калас и со Кос.

За време на грчкото претседателство со ЕУ, потсетија дипломатските извори тогаш, една од земјите од регионот се очекува и официјално да стане членка на Унијата.

Ставот на официјална Атина е дека местото на Западен Балкан е во ЕУ, дека Грција го поддржува овој процес, но и дека е државата што ја забрзува европската перспектива.

Поврзани вести