
Непознати лица во текот на ноќта поставиле импровизирана запалива направа пред политичката канцеларија на грчкиот министер за имиграција и азил, Танос Плеврис, во атинската населба Колонаки, позната како една од луксузните населби во грчката престолнина.
Инцидентот се случил околу 2:15 часот, а експлозијата предизвикала материјална штета на влезот од станбената зграда во која се наоѓа министерската канцеларија, пренесува „Прототема“.
Во експлозијата биле оштетени главната влезна врата на зградата, додека прозорците биле искршени.
Полициските сили и припадниците на Одделението за деактивирање експлозивни направи излегле на местото на настанот за да ги прегледаат остатоците од направата и да соберат докази.
Плеврис по нападот на социјалната мрежа Икс изјавил дека зад инцидентот стојат, како што навел, „поддржувачи на илегалните мигранти“.
Тој оценил дека начинот на кој била поставена направата укажува на намера некој да биде убиен, предупредувајќи дека можеле да бидат загрозени човечки животи.
Полицијата започнала истрага за да ги утврди сите околности на нападот и идентитетот на сторителите.

Македонски


