
Музејот на современата уметност – Скопје во сабота, 24 октомври, од 12 часот организира „МСУ Водич“, со кустосот Бојана Јанева. Посетителите ќе имаат можност преку организирано водење да ги разгледаат трите отворени изложби и поблиску да се запознаат со делата и приказните зад нив.
Во програмата е ретроспективната изложба „Благоја Маневски: 40 години творештво“, која го опфаќа периодот од 1985 до 2025 година. Поставката го следи неговото истражување низ сликарството, објектот, инсталацијата, фотографијата, цртежот, амбиентот и хепенингот. Кураторки се Лилјана Неделковска и Натали Рајчиновска-Павлеска, а координатор на проектот е Благоја Варошанец.
Водењето ја вклучува и изложбата „Пикасо: Сликата на музејот“, со избор на дела од колекцијата на МСУ. Во нејзиниот фокус е „Глава на жена“ од 1963 година, дело на Пабло Пикасо кое со текот на времето стана еден од препознатливите визуелни симболи на музејот. Поставката ја отвора и приказната за неговото место во локалната културна историја.
Третата изложба, „Солидарноста како иднина“, претставува значајни дела од постојаната музејска колекција. Меѓу застапените автори се Пјер Сулаж, Виктор Вазарели и Никола Мартиноски.
Куратори на „Пикасо: Сликата на музејот“ и „Солидарноста како иднина“ се Благоја Варошанец, Владимир Јанчевски и Ива Димовски.
Влезницата за „МСУ Водич“ чини 150 денари, а координаторка на настанот е Анжелика Апсис.

Македонски

