Skip to main content

Уставен суд: Се постапува по предметите за платите на обвинителите и членовите на Советот на јавните обвинители

Уставниот суд информира дека активно постапува по три предмети во кои се оспорени одредби од законите што ги уредуваат платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, а по предметите се преземаат повеќе дејствија за утврдување на сите релевантни факти и околности пред донесување одлука.

Како што соопшти Судот, станува збор за предметите У.бр.71/2025, У.бр.74/2026 и У.бр.115/2026, оформени по иницијативи поднесени од Здружението на јавните обвинители, преку претседателот Елвин Вели, и од Советот на јавните обвинители , преку претседателот Башким Бесими.

Судот активно постапува по сите предмети, се преземаат повеќе дејствија со цел да се утврдат сите релевантни факти и околности кои се неопходни за изготвување на темелен и аргументиран реферат – наведуваат од Уставен.

Оттаму образложуваат дека за предметот У.бр.71/2025, Судот на седница одржана на 24 декември 2025 година повел постапка за оценување на уставноста на измените на законите за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, објавени во „Службен весник“ бр.272/2024.

На седница одржана на 11 март 2026 година, Уставниот суд ја запрел постапката за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за платите на јавните обвинители од 2024 година поради исцрпеност во примената. На истата седница, предлогот за поведување постапка за оценување на уставноста на измените на законите за платите на јавните обвинители и на членовите на Советот на јавните обвинители, објавени во „Службен весник“ бр.39/2026, не го добил потребното мнозинство гласови.

Од Уставниот суд посочуваат дека предметот У.бр.71/2025 бил повлечен од дневен ред на седницата одржана на 23 септември 2026 година поради потреба од дополнително утврдување на фактичката и правната состојба.

Судот нагласува дека и по овие, како и по останатите предмети, постапува согласно својот акт, со цел целосно утврдување на фактичката состојба и донесување одлуки засновани на уставно-правна анализа.

Уставниот суд информира дека по овие, како и по сите останати предмети за кои се водат постапки, постапува согласно Актот на Судот, преземајќи ги сите потребни дејствија за целосно утврдување на фактичката состојба и донесување одлука врз основа на уставно-правна анализа – стои во соопштението.

Во соопштението се потсетува дека Уставниот суд во моментот работи во некомплетен состав, со осум од предвидените девет уставни судии.

Поврзани вести