
На настанот што ќе се одржи в петок (16 октомври) ќе ги обедини соопштувањето и доделувањето на преведувачките награди „Драги“ за 2026 година во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните. Во истата пригода ќе биде доделена и интернационалната награда „Драги“ на проф. д-р Борислав Павловски од Хрватска, чие доаѓање во Скопје исто така е потврдено специјално за овој важен настан. Утре е и денот кога се одбележуваат 75 години од раѓањето на македонскиот писател, преведувач, есеист и универзитетски професор, Драги Михајловски, во чија чест е и основана оваа награда.
Потсетуваме на преведувачите и делата што влегоа во финалната селекција (подредени по азбучен ред, според првата буква од името на препејувачите):
Ана Пејчинова за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, издание на „Полица“, 2024 година
Даниела Спироска за препевот од англиски јазик на „Песни“ од Дилан Томас, издание на „ПНВ Публикации“, 2026 година
Ели Пујовска за препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
Игор Радев за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, издание на „Струшки вечери на поезијата“, 2026 година
Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел кој изнесува 40.000 денари. Жири-комисијата за доделување на наградата работеше во состав: акад. д-р Иван Џепароски (претседател, член одбран од организаторот), Владимир Цветкоски (член одбран од Филолошкиот факултет „Блаже Конески“) и Јана Михајловска (член одбран од семејството на Драги Михајловски).
Настанот е од отворен карактер.
Годинашното издание на преведувачките награди „Драги“ е реализирана од страна на издавачката куќа „Антолог“ со поддршка на Министерството за култура и туризам на Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.
За наградата „Драги“ првично беа номинирани 24 дела во превод на македонски јазик на 27 преведувачи. Книгите се објавени од 9 издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Опфатени се дела (самостојни книги или избори од творештвата) на 22 странски автори а кога ќе се земат предвид и двете антологии, вкупно беа опфатени дела од стотина светски поети. Првпат откако е основана оваа награда ќе биде доделена за превод на поетско дело, со што ќе се потполни голема празнина во нашата културна средина, а воедно и достојно ќе се чествува името на д-р Драги Михајловски, кој даде најголем придонес токму во препевот на книжевни дела во стих.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951 – 2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со препевите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше како на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор, така и на сите што се занимаваат со науката за превод (транслотологија).

Македонски


