
Комисијата за култура и туризам денеска го усвои заклучокот за почнување на активностите за подготовка на Предлог-програмата за одбележување јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2027 година, при што предлозите ќе може да се доставуваат најдоцна до 16 ноември 2026 година.
Според усвоениот заклучок, Службата на Собранието треба да испрати писмено барање до државните органи, јавните служби, научните институции, здруженијата на граѓани и другите заинтересирани субјекти. Работната група потоа ќе ги разгледа пристигнатите предлози од аспект на исполнувањето на пропишаните критериуми и врз таа основа ќе ја состави Предлог-програмата за 2027 година.

Претседателката на комисијата, Саранда Имери-Стафаи истакна дека согласно одлуката за одбележување јубилејни годишнини, комисијата соработува со државните органи, јавните служби, научните институции, здруженијата на граѓани и други заинтересирани субјекти во земјата.
– Од тие причини, потребно е Службата на Собранието да подготви и испрати писмено барање до засегнатите страни со цел да ни достават предлози за одбележување на јубилеј на значајни настани и истакнати личности во текот на 2027 година. Предлагам рокот за доставување на предлозите да биде околу месец дена, односно до 16 ноември – рече Имери-Стафаи.
Таа потсети дека комисијата на својата 16. седница, одржана на 13 ноември 2025 година, формирала деветчлена работна група за подготовка на Предлог-програмата составена од девет пратеници: Велика Стојкова Серафимовска, Павле Арсоски, Дијана Тоска, Сања Лукаревска, Драган Неделковиќ, Бејџан Илјаз, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Сали Мурати и Валбона Адили Емини.

На седницата, пратеничката Бисера Костадиновска-Стојчевска побара да продолжи и надзорната расправа во врска со Законот за македонски јазик, со сведоците кои не се појавиле на претходниот дел од расправата.
– Дали може да продолжиме со надзорната расправа во врска со Законот за македонски јазик? Ни остана уште еден дел, односно вториот дел со тие сведоци коишто не се појавија – рече Костадиновска-Стојчевска.
Имери-Стафаи одговори дека треба да се провери кои од поканетите одговориле на поканите.
– За мене не е проблем. Само не знам дали другите ни одговорија на поканата, тие што беа поканети. Треба да провериме на кои им пуштивме покани и дали ни одговориле – рече Имери-Стафаи.

Пратеничката Велика Стојкова Серафимовска, пак, предложи да се реактивира групата за работни посети на институциите.
-Би сакала да иницирам реактивирање на онаа група за работни посети по институциите. Бидејќи имаме нерешени законски состојби, да посетиме некоја институција и да видиме дали може нешто од собраниска перспектива да средиме – рече Стојкова Серафимовска.
Според дискусијата на седница, групата за работни посети досега била формирана, но не реализирала посети, а како можност беше посочено со активностите да се почне наредниот месец.
МИА

Македонски


