Skip to main content

„Фрида“ ја отвора приказната за Фрида Кало: Претпремиерната изведба е на 18 октомври, а праизведбата е на 19 октомври во Драмски театар

Фрида Кало – жената зад портретите и легендата е во центарот на новата претстава „Фрида“, приватен проект во соработка со Драмски театар Скопје, по текст на Драгана Левенска, во режија на Тамара Стојаноска. Претставата ќе има претпремиерна изведба на 18 октомври, а праизведбата е на 19 октомври, со почеток во 20 часот.

Првпат на македонската театарска сцена, „Фрида“ ја отвора приказната за Фрида Кало зад портретите и легендата. Не како недопирлива икона на поп-културата, туку како жена чие тело било обележано со болка. Нејзиниот живот, љубови, загуби и противречности станале неразделни од уметноста што ја создавала. Несреќата што засекогаш го менува нејзиното тело, бурната љубов со Диего Ривера, предавствата, копнежот по мајчинство, слободата, политичките убедувања и интимните односи се дел од сценскиот пат кон човекот зад препознатливиот лик.

Претставата, како што беше речено на денешната прес-конференција во Драмскиот театар во Скопје, не е замислена како биографска хроника што ги подредува фактите од животот на Кало, туку како театарско истражување на она што останува кога ќе се тргне историската рамка.

Режисерката Тамара Стојаноска истакна дека во поставувањето на претставата се водела од прашањето која е Фрида кога ќе се тргнат поп-културните митови и ликот што постојано циркулира низ јавниот простор, од тоа како творела и создала додека трпела физичка и емотивна болка и со тоа, како што рече, дава пример за тоа како човекот треба да биде храбар и во тешки услови.

– Таа трпела голема физичка и емотивна болка. Нејзиното сценско читање го истражува просторот меѓу телото што ја заробува Фрида и духот што одбива да биде заробен. Преку нејзиниот внатрешен свет во претставата се отвора и просторот на магичниот реализам, во кој нејзините слики оживуваат и стануваат емотивни и визуелни патокази низ претставата, рече Стојановска додавајќи дека се надева оти претставата ќе ги охрабри луѓето да не се предаваат, да бидат храбри, да не се откажуваат и да творат кога им е најтешко. 

Како што истакна, Фрида не е само историска фигура туку и метафора за човечката способност најдлабоката болка да се претвори во искрена уметност. 

Драгана Левенска, која е авторка на текстот и ја толкува Фрида Кало, вели дека одговорноста да се оживее историски лик ја натерала свесно да се врати кон основите на актерската работа и да го гради ликот без однапред зададена претстава за тоа каква „мора“ да биде Фрида.

„Низ разговори, истражување и проби го оставивме ликот природно да се појави во мене. Колку повеќе ја градев Фрида, толку повеќе излегував од себе како Драгана и откривав нешто ново во себе, и како актерка и како човек“, вели Левенска додавајќи дека дури ја добила и машката цврста енергија која ја поседувала Фрида.

Во процесот, вели, тргнала токму од Фрида која јавноста не ја гледа: Фрида во својот дом, зад затворените врати и без публика. Наместо потрага по „точната“ Фрида и „точниот“ Диего, фокусот е на човекот во нив, со слабости, страсти, стравови, љубов и противречности.

Како што истакна, суштината не е во имитацијата на историската личност или биографско претставување на нејзиниот лик, туку откривање на жената зад иконата. Таа додава дека текстот се обидела да го создава не како автор, туку како актер. Потенцира дека Фрида Кало, првпат се поставува на театарска сцена во Македонија и оти тоа било голем предизвик и дополнителна инспирација.

Како Диего Ривера настапува Сашо Тасевски, кој го гради мексиканскиот муралист низ неговата уметничка жестокост, политичка страст и свест за границите на самата уметност, кој е во средиштето на животот на Фрида. Диего е големиот мексикански сликар, љубовник, сопатник, противник и нејзина најголема слабост. Нивната врска е исполнета со нежност и суровост, страст и предавство, разделувања и непрестајни враќања еден кон друг.

„Секој потег на четката на Диего Ривера бил офанзива, речиси крстоносен поход. Но и покрај огромната вера во моќта на уметноста, Диего бил свесен дека ни десет милиони слики не можат да нахранат еден гладен човек“, вели Тасевски.

Додава дека Диего и Фрида биле во токсична врска, исполнета со голема љубов, но и предавства и неверства, дека двајцата се уметници, но оти Фрида го надминала Диего во големината. 

– Фрида Кало ќе остане запишана во колективната меморија на цивилизацијата, за разлика од Диего, рече Тасевски. 

Марија Бреслиска ја толкува Жозефина Бејкер, една од највпечатливите жени на 20 век и фигура што во многу нешта го надминала времето во кое живеела. Во создавањето на ликот Бреслиска го истражува танцот како јазик на телото преку кој се пренесуваат енергијата и живоста на Бејкер, но и суптилниот, интимен однос меѓу неа и Фрида.

Марија Талеска ја игра Кристина Кало, сестрата на Фрида, и својот актерски пристап го гради низ обидот ликот да не ја „игра“ Кристина, туку да ја почувствува, да ја разбере и да ѝ даде свој глас и вистина. За Талеска, магично-реалистичниот свет на претставата ги спојува реалноста, болката, љубовта, слободата и фантазијата, а Кристина ја гради и низ сопственото искуство, по принципот по кој самата Фрида го претворала личното во уметност.

Во актерската екипа се: Драгана Левенска како Фрида Кало, Сашо Тасевски како Диего Ривера, Марија Бреслиска како Жозефина Бејкер и Марија Талеска како Кристина Кало.

Креативниот тим го сочинуваат: Драгана Левенска – автор, Тамара Стојаноска – режисер, Филип Коруновски – сценограф, Иван Ивановиќ – костимограф, Марјан Неќак – композитор, Марта Поп Антоска-Башевска – изработка на накитот, Дарко Младеновски – дизајнер на светло, Ангелчо Петровски – вајар, Оливер Митковски – дизајнер на плакатот, Стефан Рајхл – фотограф, Анастасија Димковска – шминкер и фризер и Виктор Јовановски – лектор.

Картите за премиерата и претпремиерата се веќе распродадени.

Поврзани вести