
Директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, информираше дека археолошките истражувања на локалитетот, започнати во 2007 година, резултирале со откривање на повеќе од 5.000 предмети. Според неа, во периодот од 2017 до 2024 година тие се чувале во супстандардни услови, додека двата музејски објекта биле оставени на забот на времето.
Со доаѓањето на новата влада во 2024 година, Управата, како инвеститор на проектот, поднела информација до Владата и обезбедила осум милиони денари за реализација на активностите. Била формирана работна група, изработена предмер-пресметка и распишан тендер за тековно одржување, адаптација и санација на двата објекта. За изведувач била избрана компанијата „Нет Инвест“ од тетовското село Теарце.
„За неполна година објектите се веќе завршени“, истакна Честоева, посочувајќи дека работите опфатиле повеќе области, меѓу кои машинство, архитектура, електрика и браварија.
Во завршна фаза е и постапката за донесување одлука со која Скопската тврдина Кале би била прогласена за културно наследство од особено значење, во категоријата големо значење. Со предложеното решение, надлежностите би биле поделени меѓу Градот Скопје и Археолошкиот музеј. Археолошкиот музеј би управувал со двата музејски објекта, а археолошките предмети би биле уредени и изложени за посетителите да можат да се запознаат со историјата на локалитетот.
Честоева најави и дека двата музеја ќе бидат вклучени во програмата на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Со завршувањето на активностите на Кале, Управата за заштита на културното наследство планира да ги насочи своите активности кон Плаошник, каде што, како што посочи Честоева, има објекти кои со години се оставени на забот на времето.

Македонски


