
Јубилејното, петто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“ (ИФДТ) во организација на Театарот за деца и младинци (ТДМ) од Скопје ќе се одржи од 13 до 17 октомври под слоганот „Сите сме исти. Јас и ти.“
Фестивалот го носи името на прерано починатиот македонски актер Игор Маџиров, кој беше дел од ансамблот на ТДМ.
Претставите ќе се одржуваат на сцените на ТДМ, Македонскиот народен театар и Драмски театар Скопје.
Петтото издание на фестивалот „Игор Маџиров“ е значаен момент за Театарот за деца и младинци и за континуитетот на оваа меѓународна манифестација. За нас, Фестивалот е можност нашата публика да види различни театарски претстави, а нашите уметници и соработници да разменат искуства со колеги од другите. Наша одговорност како домаќин е да обезбедиме услови за тие средби и да ја зачуваме врската помеѓу Фестивалот и неговата најважна публика – децата и младите. Пораката „Сите сме исти, јас и ти“ ја гледаме како покана за блискост и разбирање, но и за потсетување дека културата треба да биде достапна и отворена, изјави в.д. директорката на ТДМ Фросина Карловицс.
Фестивалот и оваа година се реализира со поддршка од Министерството за култура и туризам во скромен износ од 600.000 денари.
Селекторката на Фестивалот Катарина Илиевска Силјановска кажа дека во процесот на селекција трагала по претстави коишто не ја потценуваат детската и младинската публика, туку напротив, ја поттикнуваат нивната чиста интелигенција и фантазија.
Со изборот на претставите на Фестивалот сакавме да доближиме нешто што е блиску до нив. Нивните интереси се знае дека се повеќе насочени кон социјалните медиуми, но сепак театарот е тука за да малку од малку им го промени тој начин на размислување, изјави Илиевска – Силјановска.
Сцената е местото каде што границите исчезнуваат, а различностите остануваат наше најголемо богатство. Токму затоа го искористивме и слоганот „Сите сме исти, јас и ти“, додаде селекторката на Фестивалот „Игор Маџиров“.
Половина од билетите за претставите се распоредени, тоа многу не радува, велат од организацискиот тим.
Свеченото отворање на Фестивалот е на 13 октормври (вторник) во 19,30 часот на сцената на ТДМ со претставата „Која е Лорет“ во продулција на ТДМ, а потоа во среда на сцената на МНТ е „Пинокио“ во 11 часот на Народен театар Битола (4+), во 17 часот на малата сцена на МНТ е куклената претстава „Стара планина) на Театарот за деца и млади од Крагуевац, Србија (8+), а во 19,30 во ТДМ се гостите од Хрватска со „Со балон над Кападокија“ (7+). На 15 октомври (четврток) во 11 во ТДМ е куклената претстава „Слатки зборови“ од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска (3+), а во вечерниот термин од 19,30 во ТДМ е куклената претстава „Ламба“ на театарот од Шпанија (6+). Во петок на 16 октомври во Драмски театар во 11 часот е „Пилотот и малиот принц“ (7+), гостување на куклениот тетар од Острава, Чешка, во 13 часот во ТДМ е „Чуварот на последното дрво“ од Театар за тебе (4+) и во 19,30 во ТДМ е куклената „Садако сака да живее“ (11+). Последниот ден, на 17 октомври во 11 часот е куклената претстава на ТДМ „Црвенкапа“ (3+) и во 19,30 „Дрвјанковци“ која е куклена претстава на театарот од Чаковец, Хрватска (11+).

Македонски


