Skip to main content

EXPO 2027 Белград создава нови деловни можности за Србија и Македонија

Растот на трговијата и туризмот создава нови можности за поблиска економска соработка меѓу Србија и Македонија во пресрет на EXPO 2027 Белград.

Овие можности беа во фокусот на настанот „Visit Serbia B2B Networking“, одржан во Скопје на 8 октомври, кој обедини Више од 50 претставници од деловниот и туристичкиот сектор. Организиран во рамките на меѓународната промотивна турнеја Visit Serbia, настанот им овозможи на компаниите и туристичките професионалци од двете земји да ги разгледаат можностите за нови партнерства и соработка поврзани со EXPO 2027.

Македонија ќе ја претстави својата културна и туристичка понуда

Македонија ќе учествува на EXPO 2027 Белград со национален павилјон под темата „Сите ритми на сонцето“. Павилјонот ќе ги претстави музиката, гастрономијата, виното, туризмот, културата и креативните индустрии на земјата пред меѓународната публика.

Учеството на Македонија му дава дополнителна димензија на регионалниот карактер на EXPO 2027, создавајќи платформа на која соседните земји ќе можат да ги претстават своите посебни предности и да развијат нови форми на економска, културна и туристичка соработка.

Досега повеќе од 16.000 лица се пријавиле за волонтирање на EXPO 2027 Белград, меѓу кои и 850 кандидати од Македонија, што ја истакнува можноста да се биде дел од овој настан.

„Особено ме радува големиот интерес за нашата волонтерска програма. Нашите волонтери ќе бидат лицето на гостопримството на Експо – луѓето кои следната година ќе му посакаат добредојде на светот во Белград“, изјави Данило Јериниќ, генерален директор на EXPO 2027 Белград.

„Токму затоа сме тука денес: да ги поканиме деловната и туристичката заедница на Македонија да го претворат EXPO 2027 Белград во заедничка можност за нашиот регион“, додаде Јериниќ.

За компаниите, EXPO 2027 Белград ќе понуди бројни можности за воспоставување меѓународни контакти и развивање нови партнерства. Програмата вклучува шест тематски деловни форуми, дводневен Глобален самит за бизнис и технологија, повеќе од 250 билатерални деловни настани и над 50.000 деловни состаноци. Посебна дигитална B2B платформа ќе им овозможи на компаниите да пронајдат потенцијални партнери и да договорат состаноци пред почетокот на Експо.

Поврзување на пазарите – и дестинациите

Настанот „Visit Serbia B2B Networking“ се фокусираше и на можностите за зајакнување на соработката меѓу туристичките сектори на Србија и Македонија. Наместо одделно да ги промовираат дестинациите, учесниците ги разгледаа можностите за развој на заеднички туристички маршрути кои ќе ги поттикнат меѓународните посетители да ги посетат двете земји во рамките на едно патување.

Во периодот од јануари до јули 2026 година, Србија ја посетиле 82.047 туристи од Македонија, што претставува зголемување од 22% во споредба со истиот период во 2025 година.

За EXPO 2027 Белград

EXPO 2027 Белград е специјализирана изложба која ќе се одржи во Белград, Србија, од 15 мај до 15 август 2027 година, под темата „Игра за човештвото: Спорт и музика за сите“. Настанот ќе обедини повеќе од 140 меѓународни учесници и во текот на 93 дена ќе ја истражува улогата на спортот, музиката и меѓучовечката поврзаност во зближувањето на луѓето. Се очекува да привлече околу четири милиони посети.

Поврзани вести