Skip to main content

Почнува Поетскиот слем Македонија 2026

Националниот „Поетски слем Македонија“ 2026 годинава по 16-ти пат ќе се одржува во Прилеп и ќе трае од денес до недела. Литературната манифестација е во организација на Театарската работилница – Прилеп.

Ќе биде отворена утре во 18:30 часот во галеријата НУЦК „Марко Цепенков“ со изложба на ДЛУМ-Битола. На истата локација ќе се одржи и поетската монодрама „ Лидија или сѐ што знам за жените“, со почеток од 20 часот.

Оваа година, за титулата национален претставник, ќе се натпреваруваат дваесетина учесници од различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење, кои доаѓаат од цела Македонија. Учесници се Бобан Богатиновски, Лиле Јовановска, Тања Кузманоска, Билјана Павлеска, Виктор Спасески, Жане Гудеска, Јулијана Маринковиќ, Маја Малиновска, Марија Грубор, Наталија Наумовска Велковска, Стефанија Граовац, Тони Павлески, Лилјана Сливоска, Елена Пренџова, Игор Трпчески.

Годинава директно во финалето влегоа Валерија Дамчевска, Матеј Петров и Јован Лешев, кои добија најмногу бодови на настанот по повод Светскиот ден на слемот, кој се одржа на 26 септември во Скопје.

Специјални гости годинава се поетесите Елијане Лусија Леонардо Бутелане и Наташа Сокре од Мозамбик, Африка.

Последниот фестивалски ден на 11 октомври учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, каде што потоа ќе се одржи и поетско читање. Вечерта ќе биде посветена на поезијата на Тихомир Јанчовски, настан што ќе се одржи во вилата „Ана Плетварска“ со почеток во 19:30 часот.

„Поетски слем Македонија“ досега има испратено 11 национални претставници на Европското слем-првенство, како и двајца претставници на Светското слем-првенство.

Поврзани вести