
Во рамки на Саемот на книгата во Франкфурт, утре на македонскиот национален штанд ќе се одржи промотивен настан посветен на современата македонска книжевност и можностите за нејзина поголема меѓународна присутност.
Пред меѓународната професионална публика ќе бидат претставени македонските автори и актуелната книжевна продукција застапени во каталозите на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), која и годинава ја претставува македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт.
Посебен дел од настанот ќе биде посветен на можностите за превод и објавување на македонските дела на странски јазици. Пред странските издавачи ќе биде презентиран актуелниот Конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање превод и објавување домашни дела, како механизам за поддршка на нивната меѓународна афирмација.
Националниот штанд годинава е организиран во три сегменти. Првиот ги претставува современите македонски автори и нови книжевни наслови, вториот е посветен на делата што веќе се преведени и објавени во странство, а третиот на литературата за деца, преку каталог со избрани македонски автори и илустратори.
Саемот на книгата во Франкфурт, еден од најголемите светски собири на издавачката индустрија, започна денеска и ќе трае до 11 октомври. Во текот на саемските денови претставниците на издавачките куќи членки на МАИ ќе остварат средби со странски издавачи, литературни агенти, преведувачи и други професионалци од меѓународниот издавачки сектор, со цел воспоставување нови партнерства, продажба на авторски права и поттикнување преводи на македонски дела.
Извор: МКД.мк

Македонски


