
Францускиот министер за образование Едуар Жефре денеска изјави дека од почетокот на протестите на средношколците повредени се 215 ученици и 88 образовен кадар, а 24 средни училишта се оштетени.
Тој во сослушувањето пред Одборот за култура и образование пред Народното собрание посочи дека од 88 повредени вработени во образовниот сектор, околу половината се директори и заменици директори на училиштата.
Жефре наведе дека 24 средни училишта биле запалени или оштетени до тој степен што не можат веднаш да продолжат со работа, а стотици други училишта претрпеле значителни штети, што се проценуваат од 20 до 30 милиони евра.
Францускиот министер посочи дека повеќето од повредите на учениците настанале како последица на непромислено однесување или употреба на пиротехника.
Кога ученик ќе биде повреден, без оглед на околностите, тоа само по себе претставува трагедија за него, за неговото семејство и за образовната заедница, истакна Жефре, додавајќи оти насилството делумно ги засени барањата на средношколците.
Протестите на француските средношколци почнаа кон крајот на септември во Кретеј, предградие на Париз, а потоа се проширија низ целата земја, поттикнати од барањата за подобри услови во училиштата, зголемени инвестиции во образованието и решенија за недостигот од наставен кадар.

Македонски


