
Американскиот претседател, Доналд Трамп, ја одобри егзекуцијата на поранешниот мајор на американската армија, Нидал Малик Хасан, кој беше осуден на смрт за масакрот во воената база Форт Худ во Тексас во 2009 година.
Доколку биде егзекутиран со стрелачки вод, тоа би било првата таква воена егзекуција во САД од крајот на Втората светска војна.
Хасан, армиски психијатар, уби 13 невооружени американски војници и рани уште 32 кога отвори оган на 5 ноември 2009 година, во преполна медицинска зграда во Форт Худ, каде што војниците чекаа прегледи и вакцинации.
Министерот за одбрана, Пит Хегсет, препорача извршување на смртната казна, а потоа одлуката беше одобрена од Трамп, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел.
„Судниот ден конечно дојде за Хасан“, напиша Парнел на Икс.
Во 2013 година, порота од 13 офицери го прогласи Хасан за виновен за 13 обвиненија за убиство со умисла и 32 обвиненија за обид за убиство.
Одлуката за смртна казна беше донесена едногласно, пишува Би-би-си.
За време на судењето, Хасан тврдеше дека верува дека неговите постапки ги штитат муслиманите и талибанците во Авганистан. Подоцна ја призна одговорноста и се извини за „сите грешки“.
Масакрот во Форт Худ се смета за најсмртоносниот напад врз американска воена база што не е во време на војна.
Хасан е еден од четворицата затвореници кои чекаат егзекуција во американскиот воен систем. Според воениот закон, секое егзекуција мора да биде одобрено од претседателот на САД, а жалбената постапка мора да се заврши пред да може да се изврши казната.
Датумот и местото на егзекуцијата ќе ги одреди секретарот на армијата Адам Тел.
Последниот човек егзекутиран во американскиот воен систем беше војникот Џон Бенет, кој беше обесен во 1961 година за силување на единаесетгодишно девојче.
Во 1983 година, воен Апелациски суд го прогласи тогашниот систем на смртна казна за неуставен, но тој беше вратен следната година со извршна наредба на претседателот Роналд Реган.
Смртната казна е сè уште дозволена во 27 американски држави, како и на федерално ниво и во војската, додека стрелањето како метод на егзекуција е многу ретко.
Во 2025 година, Јужна Каролина ја изврши првата егзекуција со стрелачки вод во таа држава, а воедно и првата таква егзекуција во САД во последните 15 години. Ајдахо, Мисисипи, Оклахома и Јута исто така го дозволуваат овој метод.
Трамп претходно силно ја поддржуваше употребата на смртната казна на федерално ниво. По враќањето во Белата куќа во јануари 2025 година, тој ја рестартираше нејзината имплементација со извршна наредба, по мораториумот воведен од Министерството за правда за време на мандатот на Џозеф Бајден.
Наредбата на Трамп наведува дека смртната казна е „неопходна алатка за одвраќање и казнување на оние кои извршиле најгрозоморни злосторства и акти на смртоносно насилство врз американски граѓани“.

Македонски


