
Преговарачки тим од Европската Унија заминува во Кина на клучни дводневни разговори со цел постигнување договор за ограничување на увозот на евтини хибридни автомобили. Ова е за да се реши проблемот со трговскиот суфицит на Кина, кој достигнува рекордни милијарда фунти дневно, пишува „Гардијан“.
Комесарот за трговија Марош Шефчович и неговиот тим патуваат денеска, а преговорите започнуваат утре и се очекува да траат до петок.
Според изворите, ЕУ се надева на опипливи, значајни и мерливи резултати пред состанокот на европските лидери следниот четврток во Брисел, каде што Кина ќе биде една од главните теми. Фокусот е на постигнување пилот-договор за тестирање на концептот, што првично би опфатил еден сектор, најверојатно автомобилски. Планот е договорот да се прошири на други индустрии во наредните месеци.
Дипломатските напори за избегнување отворена трговска војна беа започнати кон крајот на јуни, но од самиот почеток има мала верба во успех.
Во минатото, Кина докажа дека е способна брзо да се прилагоди на трговските бариери. Како пример, ненадејното зголемување на извозот на хибридни автомобили откако ЕУ воведе царини за кинеските електрични возила во октомври 2024 година, бидејќи тие царини не важеа за хибридите, наведува Гардијан.(МИА)

Македонски


