
Владата има добиено доверба од граѓаните за четиригодишен мандат и има јасна динамика за реализација на ветувањата, порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на прашањето дали се размислува за предвремени парламентарни избори.
Мицкоски, кој денеска беше во посета на општина Теарце по повод пуштањето во употреба на нова детска градинка, посочи дека приоритет на Владата е реализација на што поголем број проекти и подобрување на условите за живот на граѓаните.
Тој нагласи дека Владата, како што рече, ги придвижува и завршува проектите кои со години биле заглавени.
– Оваа Влада ја добила довербата од граѓаните за мандат од четири години. Имаме такви планови и таква динамика на реализирање на ветувањата. Работиме на објекти што биле закочени со децении, кои биле закочени одреден период. Оваа Влада со посветена работа ги одглавува, ги откочува и ги испорачува на граѓаните. И тоа е наш приоритет, како да испорачаме што е можно повеќе за да имаме подобри услови за живеење. Тоа е суштината на функционирањето на оваа Влада – рече Мицкоски.
Во однос на можноста за предвремени избори, премиерот порача дека опозицијата во Собранието има можност да поднесе иницијатива доколку смета дека треба да се оди на избори.
– Ние остануваме посветени на тоа, а здружената опозиција – Левицата, Демократската унија за интеграција и СДСМ во парламентот – може да се соберат, да поднесат иницијатива за предвремени парламентарни избори. Доколку здружената опозиција СДСМ, Левицата и ДУИ поднесат, тогаш ние како Влада ќе дадеме соодветен одговор – изјави Мицкоски.
Премиерот со тоа повтори дека Владата засега не најавува предвремени парламентарни избори и останува фокусирана на реализација на програмата во рамките на актуелниот мандат.

Македонски


