
Дел од улиците и булеварите во Скопје денеска од 6:00 до 14:00 часот се затворени за сообраќај, а возилата се пренасочуваат по алтернативни сообраќајници, поради одржувањето на 22. Виз Ер Скопскиот маратон.
Сообраќајот по улиците и булеварите опфатени со трасата на маратонот е пренасочуван по алтернативни сообраќајници.
Затворен за сообраќај е потегот од Рекорд, односно улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, продолжувајќи по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“ до реонот на Хром.
Затворени се и делови од улицата „11 Октомври“, односно потегот од Собранието кон Црвен крст, како и делови од булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“, до делот кај Американ колеџ.
Во Аеродром, со посебен сообраќаен режим се опфатени потезите кон Воен базен, Мајчин дом и булеварот „Јане Сандански“, до раскрсницата со булеварот „Србија“.
На посочените сообраќајници возачите треба да користат алтернативни правци, а конкретното пренасочување се врши во зависност од движењето на тркачите.
Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите да го избегнуваат движењето по трасите во периодот од 6:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите и насоките на униформираните полициски службеници на терен.
Организаторите ги замолуваат граѓаните за разбирање поради привремениот сообраќаен режим и ги повикуваат навреме да го испланираат своето движење во недела, со избор на алтернативни сообраќајни правци каде што е потребно.

Македонски


