Skip to main content

Мицкоски: Енергетски сме стабилни, цената на нафтата и бензинот ќе се намали, подготвени сме за зимата

Влада

Државата е енергетски стабилна и подготвени сме за претстојната зима – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој беше на увид на градежните работи на мостот на „Љубљанска“ во Карпош. Најави дека следната недела очекува намалување на цените на дизелот и бензинот, а исто така и ребаланс на Буџетот до крајот на октомври.

Што се однесува до државата и предизвикот со енергетската стабилност, ние сме апсолутно, можам да кажам, подготвени. Термоблоковите во Битола и во Кичево сѐ завршуваат со ремонти или ќе бидат завршени до крајот на месецов. Се подготвуваат сите ресурси за да може подготвено РЕК Битола и Осломеј да одговорат на предизвиците. Хидропотенцијалот, ние сме некаде на 40 отсто, што е задоволително ниво за овој период од годината, имајќи ја предвид состојбата во Централна Европа. Есента обично е, би рекол, врнежлива, очекуваме според прогнозите некаде ноември месец да имаме пообилни дождови. Тоа има пак свои предизвици во делот на ископот на јаглен, но ќе се решава – рече Мицкоски.

Зимата, како што додаде се очекуваат снежни врнежи, што потоа повторно би ги наполниле хидроцентралите за да може следната сезона за наводнување подготвени да ја пречекаат на ниво околу 80–85 отсто од својот капацитет.

Очекувам кај нас грејната сезона во полн ек да започне некаде втората половина на ноември и тука ќе имаме многу предизвици. Првиот предизвик ќе биде загадувањето, затоа што повторно ќе почнат да се користат разни горива коишто се нееколошки. Тука пред сѐ мислам на дрва, масло, отпад честопати, некогаш и гуми се палат и така натаму и тоа драматично ќе влијае врз квалитетот на на животната средина. Тоа е првиот предизвик и тоа нема да биде само во Скопје, тоа ќе биде така низ цела држава – рече Мицкоски.

Што се однесува до централната мрежата во Скопје, инсталациите се подготвувале во летниот период и очекувањата се дека загубата на вода да биде на половина, што, според Мицкоски, е исто така многу значајно, посебно имајќи го предвид енергенсот.

Според анализата на берзите и минатонеделните движења, тој очекува да има поевтинување на дизелот и бензинот следната недела, но дека сепак тоа е одлука на Регулаторната комисија за енергетика. Повторно се преговара со „Окта“ за дополнителен попуст.

Преговараме со најголемиот снабдувач на нафта и нафтени деривати, пред сè мислам дизел гориво и безоловни горива, „Окта“, за дополнителен попуст, со што ќе бидеме убедливо држава со најниска цена на горивото во регионот, а можеби најниска и во Европа. И тоа генерално овозможува социјален мир, контролирана стапка на инфлација, којашто во овој момент е пониска за 50 отсто од просекот во ЕУ – рече Мицкоски.

Премиерот посочи дека земјите од Европската Унија во моментов ги отвораат резервите во однос на горивата, особено за дизелот, но додаде дека земјава нема нема проблем сите договори да се почитуваат и до Нова Година.

Вчера Г7 имаше вонреден состанок на којшто присуствуваше и претседателката на Комисијата. Голем дел од земјите членки на Г7 и на Европската Унија имаат предизвик, посебно со дизел горивото. Знаете дека Европа ги отвара резервите и ќе има интервентно снабдување на пазарот. Ние за тоа немаме проблем во моментот. Јас разговарав со снабдувачите кај нас, до Нова година сите договори се почитуваат, имаме количини дури и за зголемениот конзум и за зголемените количини коишто граѓаните од соседните земји ги користат – рече Мицкоски и додаде дека не очекува поголеми предизвици за време на грејната сезона.

Премиерот за текот на октомври најави уште еден ребаланс на Буџетот, бидејќи само по основ на акциза проценките се дека ќе недостасуваат околу пет милијарди денари.

Тоа коешто за нас претставува предизвик, бидејќи сите овие мерки си имаат своја цена, како велат, бесплатен ручек нема, така што ќе мора да направиме најверојатно уште еден ребаланс на буџетот. Бидејќи само по основ на акциза проценките се дека отприлика ќе недостигаат околу пет милијарди денари. Ако на тоа се додаде и стапката на данокот на додадена вредност, посебно за дизел горивото којашто е намалена, доаѓаме до бројка од 7–8 милијарди денари, којашто не може да биде покриена со прераспределба, ќе мора формално да се направи таков ребаланс – рече премиерот.

Приоритет на Владата, потенцира тој, останува да го штити со сите средства што и се на располагање стандардот на граѓаните, и така и ќе продолжи и во иднина.

За буџетскиот дефицит, рече дека ќе се намалуваат и расходите и приходите, како и дека е можно да се намали буџетскиот дефицит од тој којшто беше проектиран со претходниот ребаланс.

Во однос на информациите за проширување на дневната евтина тарифа на струја, рече дека тоа би било попродуктивно за граѓаните, отколку евтината тарифа меѓу 2:00 и 4:00 по полноќ.

Доколку тоа е реформата, јас би ја поздравил, рече тој, а за деталите упати на претседателот на Регулаторната комисија.

Поврзани вести