Skip to main content

Инека Монстерман е нова директорка на ООУ Киро Глигоров, Билбиловска си поднесе оставка

Основното училиште „Киро Глигоров“ во Скопје од денеска има ново раководство. За вршител на должноста директор е назначена Инека Монстерман, која досега работела во училиштето како одделенски наставник.

Монстерман доаѓа на местото на досегашната директорка Билјана Билбиловска, која поднела оставка. Според информациите, како причина за повлекувањето Билбиловска навела лични причини.

Промената во раководството следува по период во кој училиштето се најде во центарот на вниманието на јавноста поради неколку случувања. Во февруари годинава ученик од четврто одделение донесе нож на училиште, по што реагираа родителите, а беше спроведен и вонреден инспекциски надзор.

На почетокот од новата учебна година, пак, наставата започна додека во објектот сè уште се изведуваа градежни интервенции за проширување на училиштето. Министерството за образование на 11 септември соопшти дека работите се во завршна фаза и дека со проширувањето треба да се создадат услови за едносменска настава за сите ученици. Од минатата недела ученците конечно се вратија во училишните клупи.

Засега нема информации колку долго Монстерман ќе ја извршува функцијата в.д. директор и кога ќе биде распишан конкурс за избор на директор на училиштето.

Поврзани вести