Skip to main content

Епидемијата на ебола во Конго веќе одзеде над 4.000 животи

Бројот на жртви од епидемијата на ебола во Демократска Република Конго се зголеми на 4.018, додека 8.300 случаи се потврдени во седум провинции, покажаа денеска владините податоци.

Епидемијата, предизвикана од сојот на вирусот Бундибугио, стана најголемата и најсмртоносна епидемија на ебола во историјата на Конго, надминувајќи ја епидемијата од 2018-2020 година, објавија британските медиуми.

Оваа актуелна епидемија е втора по големина во светот, веднаш зад епидемијата во Западна Африка од 2014-2016 година, за време на која повеќе од 28.600 луѓе беа заразени, а повеќе од 11.000 починаа во Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.

Според владата, повеќе од 2.000 пациенти се опоравиле од болеста.

Владата на Конго и Обединетите нации минатиот месец соопштија дека има знаци на забавување на преносот на вирусот во делови од провинцијата Итури, каде што започна епидемијата.

Меѓутоа, како што истакнуваат експертите, вирусот сè уште се шири брзо во источниот дел од земјата, вклучувајќи ја и соседната покраина Северен Киву.

Северозападната покраина Јужен Убанги минатиот месец стана седмата покраина што прогласи епидемија, откако маж кој допатувал од источниот дел на земјата почина од вирусот.(МИА)

Поврзани вести