
Скопје утре, 3 октомври, повторно ќе живее во ритамот на „Бела ноќ“, а еден од централните музички настани во програмата ќе биде концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“ на платото пред МОБ, на плоштадот „Мајка Тереза“.
Еден од најпрепознатливите македонски актери, музичари и шоумени, Игор Џамбазов, заедно со „Гуру Харе бенд“, ќе донесе вечер исполнета со музика, енергија и песни кои со години се дел од македонската музичка сцена.
Нивниот настап е дел од програмата на 22. издание на „Бела ноќ“, во организација на ЈУ „Универзална сала“ и Град Скопје, манифестација која и оваа година ќе го претвори градот во голема отворена сцена за музика, култура и уметност.
Програмата на платото пред МОБ започнува уште во 18:00 часот, со содржини за најмладите, а во текот на вечерта ќе продолжи со музички настапи за повеќе генерации публика, со концертот на Игор Џамбазов и „Гуру Харе бенд“ како еден од главните моменти на вечерта.
Паралелно, „Бела ноќ“ ќе понуди програма на повеќе локации низ Скопје – концерти, електронска музика, изложби, перформанси и содржини во музеите и галериите, со што уште еднаш градот ќе стане место за средба на различни генерации, жанрови и форми на уметност.
Во рамки на вечерната програма, кај фонтаната „Лотос“ публиката ќе може да ужива и во електронска музика со DJ Flooder и DJ Vaso, DJ Vecky и Invistoz.
За полесно движење низ градот и поголема достапност на програмата, за граѓаните е обезбеден и бесплатен јавен превоз со ЈСП од 18:00 часот, а во рамки на „Бела ноќ“ ќе има и бесплатен влез во Зоолошката градина.
„Бела ноќ“ повеќе од две децении создава простор Скопје да се доживее поинаку – преку музика, култура, уметност и заедничко дружење на неговите улици и плоштади.
Влезот на програмите е бесплатен.
Целосната програма за „Бела ноќ 2026“ е достапна на univerzalna.com.mk/belanok.

Македонски


