Skip to main content
jXgqlU-Xkg0

Роботизирана рака ќе ги вади остатоците од нуклеарно гориво во Фукушима

Video Screenshot

Јапонската компанија „ТЕПКО“ почна со активности за внесување на далечински управувана роботизирана рака во заштитниот сад на реакторот бр. 2 во оштетената нуклеарна централа „Фукушима даичи“, како дел од подготовките за нов обид за извлекување на остатоците од стопеното гориво.

Според компанијата, роботизираната рака – првично сместена во метална обвивка, била целосно извлечена, а нејзиниот врв минал низ вентил на цевка што води кон заштитниот сад, како што пренесуваат јапонските медиуми. Потоа, таа ќе влезе во садот преку страничен отвор. Компанијата планира да потроши три до четири месеци на отстранување пречки и собирање 3-Д податоци за внатрешноста на садот пред да пристапи кон третиот пробен обид за извлекување. Се очекува целата операција, вклучително и самото извлекување, да трае околу шест месеци.

Во „ТЕПКО“ се надеваат дека добиените податоци ќе помогнат во подготовките за отстранување на остатоците од горивото во голем обем, објави Јапонската информативна телевизија.

Во два претходни обида – во 2024 и 2025 година, беше искористен уред налик риболовна трска за да се извлечат вкупно околу 0,9 грама остатоци.

Се проценува дека околу 880 тони остатоци од гориво се наоѓаат во трите оштетени реактори на нуклеарната централа. Високото ниво на радијација ги спречува работниците да влезат во заштитните садови, поради што состојбата на поголемиот дел од остатоците и средината останува непозната. Роботизираната рака ќе ја снима внатрешноста додека истовремено ќе ги отстранува пречките, вклучително и сечењето челични шини со помош на млаз вода под висок притисок.

Раката има повеќе зглобови што ѝ овозможуваат широк досег и дофат, а на нејзиниот врв можат да се прикачат различни алатки. Робот со две раце, управуван од далечина и сместен во заштитна комора, ќе ги менува алатките во зависност од задачата. За развојот на роботизираната рака и поврзаните проекти се потрошени околу 7,8 милијарди јени од јавни средства – тоа е еквивалентно на околу 44 милиони евра.  

Поврзани вести