
Во рамки на фестивалот АКТО, денеска, 2 октомври, во Сули-ан (галерија Драгутин Аврамовски – Гуте на Факултетот за ликовни уметности во Скопје), се доделува XX Награда ДЕНЕС 2026, најзначајната и најстара независна награда во земјава за млад/а визуелен/а уметник/чка до 35 години.
Изложбата на финалистите: Јован Јосифовски, Сергеј Каленикoв и Ана Трајковска и свеченото доделување започнуваат во 20 часот, по што следи DJ сет на Мартина Пенева.
Наградата ДЕНЕС, во нов колаборативен формат, годинава носи двомесечен престој во Residency Unlimited (Њујорк) за добитникот/чката, и по едномесечен престој во Галерија „Простор” (Хартефакт, Сплит) и самостојни изложби во Скопје и Сплит (2027) за другите двајца финалисти.
Жирито го сочинуваат Натали Онгле (Residency Unlimited, Њујорк), Јелена Мијиќ (мултимедијална уметничка, Белград, добитничка на наградата „Димитрије Башичевиќ Мангелос”) и Илија Прокопиев (визуелен уметник, добитник на ДЕНЕС 2011, уметнички директор на галеријата Шкуц, Љубљана). Во првиот круг на жирирање членка беше и Хиба Абид, кураторка во Њујоршката јавна библиотека и членка на комитетот за уметност и култура на градоначалникот на Њујорк.
Наградата ДЕНЕС е основана во 2002 од Центарот за современи уметности – Скопје, а од 2015 година ја организира Фaкултет за работи што не се учат во рамки на АКТО, во соработка со мрежата YVAA, Residency Unlimited и Trust for Mutual Understanding (Њујорк).
Јован Јосифовски е квир уметник чија практика се протега низ инсталација, текст, видео, перформанс и други медиуми. Неговата работа се фокусира на квир животот во Македонија, поставен во специфичен постјугословенски контекст, со посебен акцент на локалната сцена како примарен простор на истражување, делување и видливост, но и со континуирано регионално присуство преку соработки и учества на изложби и уметнички програми во поширокиот балкански контекст.
Сергеј Калеников е сликар и посветен визуелен уметник со интерес за различни медиуми. Тој завршил студии на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, со фокус на сликарството и современата уметност. Поседува сеопфатно разбирање на уметничките техники, теоријата и историјата на уметноста стекнати со уметничко истражување и формално образование. Планира да ги прошири своите знаења и експертиза во уметноста со магистерски студии, со потенцијален фокус на теоријата на уметност или сликарството.
Ана Трајковска (1995) живее и работи во Скопје, Република Македонија. Своето уметничко образование го стекнува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде што во 2018 година ги завршува додипломските студии, а во 2021 година го брани магистерскиот труд во областа на графиката.
Трајковска работи во полето на современата уметност со фокус на графика, инсталација и концептуални медиуми. Нејзината практика се движи помеѓу личното и политичкото, истражувајќи теми на системска кревкост, родова идентификација и критика на доцниот капитализам.
Од 2025 година е вработена како асистент на Факултетот за уметност и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје, каде активно учествува во педагошката и кураторската дејност.
Трајковска е добитничка на наградата „Уметник на годината“ на галеријата Остен (2025), наградата за најдобра графика на Агенцијата за млади и спорт (2022), како и наградата на ДЛУМ за изложбата „Нови енергии“ во Арт Хаб, Скопје (2022).

Македонски


