Skip to main content

Промоција на „Јас сум Живка“ од Ирена Павлова Де Одорико

Промоцијата на најновото дело „Јас сум Живка“ од македонската поетеса, писателка, книжевна критичарка, есеистка и преведувачка Ирена Павлова Де Одорико, ќе се одржи денеска со почеток во 19 часот во НУ Библиотека „Браќа Миладиновци“.

„Јас сум Живка“ е несекојдневно книжевно дело кое ги спојува поезијата, прозата и драмско-сатиричните дијалози, со силен биографски и автобиографски предзнак. Делото е посветено на Живко Павлов, бардот на македонскиот хумор и сатира и татко на авторката.

Самото заглавие „Јас сум Живка“ се појавува како метафора за генетскиот, духовниот и креативниот код што авторката го наследува од својот татко – наследство кое истовремено станува дел од нејзината лична приказна, но и од пошироката меморија на македонската култура.

Во рецензијата за делото се истакнува дека Павлова создава современа македонска поема која го поврзува личното и колективното, интимното и културната меморија, претворајќи ја приказната за животот и смртта во поетски манифест за траењето на човековиот дух.

Промоцијата е замислена како книжевно-перформативен настан во два дела. Во рамките на перформансот ќе бидат интерпретирани фрагменти од книгата во монолошка и дијалошка форма, проследени со драмски и музички паузи кои дополнително ќе ја нагласат атмосферата на делото.

Во перформансот, покрај авторката, ќе учествуваат:

  • Симеон Мони Дамевски – режисер, сценарист, актер и продуцент;
  • Роберт Вељановски – реномиран актер;
  • Татјана Алексиќ – професорка и авторка активна во областа на културата и јавниот дискурс.

За делото и неговите книжевни и културолошки аспекти ќе говорат Михајло Марковиќ, Сузана В. Спасовска и Силвана Димитриевска.

Ирена Павлова Де Одорико повеќе од една деценија живее и работи во Италија, каде активно ја промовира македонската книжевност и култура, градејќи мост меѓу двете културни средини. Таа е авторка на повеќе книжевни дела, добитничка на национални и меѓународни награди, застапена во бројни антологии, а нејзината поезија е преведена на повеќе јазици.

Книгата е објавена во издание на „Восток“ од Битола, денес „Свидерски и син“, а визуелното решение за насловот го потпишува академскиот сликар Сокол Марковски. Делото е поддржано од Министерството за култура и туризам на Република Македонија.

Ве покануваме да го проследите овој несекојдневен книжевно-перформативен настан, кој преку спојот на литературата, театарот, музиката и личната меморија отвора простор за поинакво читање на наследството, животот и траењето.

Поврзани вести