
Македонската фудбалска репрезентација до 21 година одигра 1:1 против Црна Гора во Битола, во претпоследниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. За новиот селектор Александар Таневски ова беше официјално деби на клупата на младата селекцијата.
Македонските фудбалери првиот удар во рамките на голот го упатија во 40. минута, кога Николовски шутираше од далечина, но Миниќ без проблеми интервенираше. Само минута подоцна, голманот Џеков мораше да покаже одлична реакција. Зејковиќ упати незгоден удар, а македонскиот голман ја исфрли топката во корнер.
Црна Гора сепак успеа да го отвори резултатот во финишот на првото полувреме. Вујовиќ со одличен потег со пета го проигра Андреј Костиќ, кој ја искористи празнината во нашата одбрана и со удар од прва го совлада Џеков за 0:1.
Македонија во второто полувреме излезе со многу поголема енергија и веднаш го притисна противникот. Данев во една добро организирана акција го совлада Миниќ, но пречката спречи брзо израмнување.
Израмнувањето сепак стигна во 58. минута. Тасовски побегна зад последната линија на Црна Гора и беше соборен во шеснаесетникот. Судијата покажа на белата точка, а Љатифи презеде одговорност и сигурно реализираше за 1:1.
Најдобрата можност за целосен пресврт македонскиот тим пропушти во самиот финиш, кога нововлезениот Мехмед со глава шутираше од непосредна близина, но не успеа да ја погоди мрежата.
Полска е лидер во групата со 27 бодови, пред Италија со 21, Црна Гора е трета со 11, пред Шведска со 10, Македонија има 7, а Ерменија е последна без бод.
Последниот натпревар од квалификациската група македонската репрезентација до 21.година ќе го одигра на 5.октомври на гостински терен против Шведска.

Македонски


