
Низ улиците на македонската престолнина на 4 октомври ќе се одржи Виз Ер Скопски маратон 2026. За 22. издание на скопскиот маратон пријавени се повеќе од 15.000 учесници од 63 земји. Подготовките за големиот спортски настан се при крај и организаторите очекуваат в недела се да помине во најдобар ред.
Министерот за спорт Борко Ристовски ги потенцира вредностите кои ги промовира маратонот.
Секогаш ќе даваме поддршка на настани од овој тип, настани кои на некој начин ја обединуваат нацијата. Промовираат вредности кои јас сакам да ги промовирам, а тоа е да изградиме здрава заедница. На маратонот, и рекреативците и професионалците имаат иста цел, да им порачаат на најмладите дека во животот не е најважно да се победи, туку дека е важно кога ќе паднете треба да станете и дека во животот ќе се соочите со препреки кои без разлика на се мора да се продолжи понатаму, рече Ристовски на денешната прес-конференција.
За логистичката поддршка што ја дава град Скопје зборуваше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Чест и гордост е што нашиот град е повторно домаќин на Виз Ер маратонот. За секој учесник Скопје ќе биде дел од важен животен спомен, а наша обврска е тој спомен да остане засекогаш убав за нив. Затоа ја ставаме на располагање целокупната поддршка на градските служби, на јавните претпријатија, а учесниците да го почувствуваат нашето гостопримство и повторно да се вратат во нашиот град, истакна Ѓорѓиевски.
Заменикот-шеф на Мисијата на ЕУ во Македонија, Бен Нупнау упати апел жителите на Скопје да им дадат поддршка на тркачите.
Голема чест и задоволство е за нас што и оваа година ја поддржуваме оваа голема спортска манифестација. Спортот ги поврзува луѓето без оглед на нивното потекло и граници, а Виз Ер Скопскиот маратон е убав пример за тоа како еден настан може да ги поврзе Скопје, државата и европската спортска заедница. Излезете на улиците на Скопје и дајте им поддршка на спортистите, апелира Нупнау.
Почетокот на трката в недела ќе биде во 8 часот. Натпреварувачите ќе се тркаат во четири категории:
Маратон – 42 километри
Полумаратон – 21 км.
Штафетен маратон (вкупно 42 км. четворица натпреварувачи)
Трка на 5 км.
Годинава во главната трка се пријавени 800 тркачи, од македонските најголем фаворит е минатогодишниот победник Дарио Ивановски. За полумаратонот се пријавени околу 3.000 тркачи.
Покрај натпреварувачкиот дел, Виз Ер Скопскиот маратон и годинава подготвува активности со кои дополнително ќе се збогати искуството на учесниците и публиката. Посебно внимание е посветено и на поддршката долж патеката, која традиционално е еден од препознатливите делови на маратонот.
објавува Журнал.мк

Македонски


