
Неразбирливо ми е зошто речиси 18 месеци нема договор за одржување на електронскиот систем за закажување термини „МојТермин“. Веќе побарав од нашите служби да подготват јавен повик за две години, бидејќи сметам дека едногодишните договори не го обезбедуваат континуитетот што ни е неопходен за да ги направиме промените, истакна денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Тој рече дека неблагодарно е да коментира пропусти на претходни министри во одреден подолг временски период.
Запознаен сум со извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР). Очекувана постапка дека сите нацрт извештаи се доставуваат до надлежните институции. Многу ја ценам работата на ДЗР. Не можам да кажам дека во извештајот има грешка или неточност. Тој е даден, сме го потврдиле, состојбата е таква. Зошто е таква може други луѓе да прашате. Кога го имавме нацртот доставен до нас побарав да направиме акциски план. Промовиравме нацрт стратегија за дигитализација во здравството и планираме масивни интервенции во делот на дигитализацијата и натамошно зголемување на продуктивноста на здравствениот систем и зголемување на задоволството на пациентите без доказ во тоа подрачје не може да има. „МојТермин“ е централен дел на тоа прашање. Во извештајот пишува дека во Управата за електронско здравство, пополнети се само 29 отсто од предвидениот број на вработени со систематизацијата, посочи Клековски одговарајќи на новинарско прашање.
Во денеска објавениот извештај на ДЗР од извршената ревизија на информациски системи на тема „Мој Термин – оптимизација на здравствените процеси и подобрување на квалитетот на здравствената заштита” се наведува дека од 1 јануари 2021 година до 30 април годинава, системот „Мој Термин“ не бил покриен со договори за одржување вкупно 738 дена, што претставува 37,9 отсто од анализираниот период, договорите за одржување се склучувале на годишно ниво, без обезбедување на континуитет, 48 отсто од вкупните вложувања кај ЈЗУ кои користат други информациски системи се концентрирани кај три софтверски компании, што упатува на зголемен ризик од концентрација и ограничена конкуренција, а посебни слабости се утврдени во областа на ИТ безбедноста и заштитата на личните податоци.

Македонски


