Skip to main content

Светска премиера на „Сестра, брат и шахта“ на Милчо Манчевски на Меѓународниот филмски фестивал во Токио

Најновиот филм на Милчо Манчевски, „Сестра, брат и шахта“ ќе ја има светската премиера на Меѓународниот филмски фестивал во Токио на 30 октомври. Филмот е во натпреварувачката селекција на овој фестивал од А категорија, беше соопштено на денешната прес конференција посветена на оваа светска премиера.

Манчевски и дел од актерската екипа на „Сестра, брат и шахта“ ќе продефилираат по црвениот килим на отворањето на фестивалот во Токио на 26 октомври. По светската премиера во најголемата сала на фестивалот на 30 октомври, режисерот и актерите ќе учествуваат во разговори со публиката и со јапонските и меѓународни медиуми. На 2 и 3 ноември закажани се уште две проекции на филмот.

Радосен сум што нашиот македонски филм повторно ќе патува во Азија. Одиме на Интернационалниот филмски фестивал во Токио, фестивал од А-категорија, еден од најреномираните фестивали во светот. Пред сè, ми се допадна премисата на филмот – распродажба на народни херои на кило! Брат и сестра крадат споменици и ги продаваат за старо железо. Па и шахти… Одлично! Слични беа реакциите и на странските копродуценти: ги привлече приказната, специфичниот јазик, и, се разбира, можноста за соработка со Милчо, рече продуцентор Јане Ќортошев.

„Сестра, брат и шахта“ е чудна комедија за оние што имаат и оние што немаат – во исто време лута сатира и суптилна поема за брат и сестра, кои живеат на маргините на општеството. Филм за антихерои кој – во неповторливиот стил на Милчо Манчевски – отфрла секаква жанровска класификација, мамејќи и солзи и смеа. Иако се случува во денешна Македонија, филмот содржи универзално размислување за тоа како луѓето живеат и се поврзуваат во современиот свет.

„Сестра, брат и шахта“ е остра сатира и нежна студија на брат и сестра, кои со хумор и пркос се борат против едно корумпирано општество. Нашите Ивица и Марица крадат бисти за да преживеат и еден убав ден среќаваат една богата слепа баба

Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Мицевски во своето видео обраќање посочи дека светската премиера на „Сестра, брат, шахта“ на Милчо Манчевски во Токио е уште една важна можност македонскиот филм да биде претставен пред меѓународната публика и филмската јавност.

Агенцијата за филм, во координација со екипата на филмот, ќе ја поддржи светската премиера во Токио, како и активностите поврзани со неговата промоција и претставување во земјава и во странство, подвлече Мицевски.

Во 1995, Јапонија за првпат виде македонски филм. Манчевски, кој е многу популарен во Јапонија, беше првиот македонски автор кој ги проби границите за македонскиот филм и во Азија. Тој беше во селекцијата на Токио уште со „Пред дождот“ и со „Прашина“, а во 2022 година и со „Кајмак“. Всушност во Азија, не само македонската кинематографија, туку и името Македонија, како и нејзиното место на светската мапа се директно поврзани со филмовите на Манчевски.

Актерите Сара Климоска и Филип Трајковиќ на прес конференцијата говореа за градењето на ликовите, но и за блискиот однос кој го воспоставиле во текот на снимањето и кој продолжувал и надвор од сетот.

Нејзината сила и пркос ми беа јасни и неопходни за да преживее. Но, најтешко и најважно ми беше да најдам начин ранливоста да произлезе природно од нејзината борба, а да не биде нешто што дополнително се глуми или нагласува. Ми беше важно таа ранливост да не ја направи Малина слаба, туку напротив, да ѝ дава сила да го штити својот брат, рече Климоска, говорејќи за ликот кој го толкува-Малина, сестрата на Виктор..

За улогата на Виктор, Трајковиќ рече дека видел радост и среќната страна на постоењето.

Неговиот оптимизам и вербата дека луѓето сепак се добри и чесни се единствениот рецепт за вистинска среќа. Кога секоја постапка е водена од чиста љубов, не можеш да се осудуваш себеси дека си направил нешто зло. Тогаш можеш да се радуваш на сè што имаш, колку и да изгледа банално и неважно во очите на другите, рече Трајковиќ.

Со видео порака се обрати и актерката Соња Михајлова која откри дека ја толкува улогата на снаата на Ѓорче Петров и дека и е многу драго поради тоа што, како што рече, отсекогаш го ценела како интелектуалец и историска фигура.

 На конференцијата беше истакнато дела за една година, Манчевски сними два филма – долгометражниот документарец „Добри луѓе“ и играниот филм „Сестра, брат и шахта“ што е редок случај во светската кинематографија и уследи дури откако судот ја спречи незаконската забрана на неговите филмови.

Агенцијата за филм одобри поддршка за „Сестра, брат и шахта“ во 2022, но потоа незаконски го забрани филмот затоа што пријавив корупција во Агенцијата. Добив две судски пресуди против Агенцијата и мораа да ми ја одблокираат сметката и во тој период некако се поклопи снимањето и на двата филма, рече Манчевски.

Освен нашата Агенција за филм, филмот го помогнаа и националните филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија. Македонски компании и културни институции, кои несебично го поддржаа проектот се Дајнерс клуб, Тиквеш, Витаминка и Окта, како и Пелистерка, Специјал, Такси Глобал, Хотел Арка, Саманта, Мај принт, Македонскиот народен театар и Види Вака.

 Главните улоги ги играат: Сара Климоска, Филип Трајковиќ, Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Јордан Симонов, Дејан Лилиќ, Јасмина Василева, Стефан Николовски, како и Ана Костовска, Иван Ѓошевски, Виктор Арсов, Марина Поп Панкова, Александар Степанулески и Марин Гавриловски.

 Дејвид Манс од Велика Британија е дизајнер на продукција. Директор на фотографија е маестро Стефано Фаливене од Италија. Кастинг директорка на филмот е Милка Анчевска, костимите се на Жаклина Крстевска, шминката на Бистра Кечиџиева од Бугарија. Продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот се снимаше со меѓународна екипа на локации низ и околу Скопје. Копродуценти се: Гала филм од Бугарија, Сенс продакшн од Србија, Амаркорд продакшн и Аугустус колор од Италија, Беркли медиа груп од Англија и Тирана филм институт од Албанија.

 Фото: Маја Аргакијева 

Поврзани вести