Skip to main content

Во полициски акции во Турција приведени 59 лица, меѓу кои и опозициски градоначалници

Турските власти приведоа неколку градоначалници во серија акции насочени против опозициски политичари, објави денеска „Анадолија“.

Во операциите се приведени вкупно 59 осомничени лица, меѓу кои и Вахап Сечер, градоначалникот на јужниот град Мерсин. Тие се соочуваат со обвиненија за корупција поврзани со наводни неправилности во јавните тендери, пренесе ДПА.

Сечер, член на опозициската Републиканска народна партија (ЦХП), освои околу 60 отсто од гласовите на локалните избори во март 2024 година.

На тие избори, ЦХП освои најголем број градоначалнички места на национално ниво, нанесувајќи и тежок удар на владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Оттогаш, неколку опозициски функционери се приведени или затворени.

Меѓу најистакнатите е поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, еден од главните политички ривали на Ердоган.

Владата негира какво било мешање во работата на судството.

Озгур Озел, поранешниот лидер на ЦХП, беше сменет од функцијата со судска одлука во мај, по што ја основаше „Новата партија“. Таа подоцна стана најголемата опозициска сила во земјата откако бројни пратеници се приклучија во нејзините редови, а член стана и Имамоглу, потсетува ДПА.(МИА)

Поврзани вести