
Калиопи на 17 октомври, 50 години откако ја почна својата музичка кариера, ќе одржи голем концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
На денешната прес-конференција во Скопје, Калиопи зборуваше за претстојниот концерт, музиката што ја создава со Ромео Грил, новите песни и плановите, но и за она што за неа значи да се трае на сцената толку долго. Таа се наврати на своите почетоци во 1976 година, кога настапила на „Златно славејче“, истакнувајќи дека и по половина век сè уште со истата страст влегува во студио и создава нова музика.
„Јас почнувам да се плашам од самата себе. Си велам: ‘До кога вака?’. Годините одат, а јас како да се враќам наназад. Песната ‘Бебе’, која излезе пред два дена, е токму посвета на сето она детско во нас, да го разбудиме и да излеземе од ова сивило, од оваа апатичност и овој недостаток на емпатија. Сите ние го можеме тоа, само треба да се потсетиме каде сме започнале“, изјави Калиопи.
Нејзиниот музички пат започнал токму на детската сцена, а претстојниот концерт доаѓа во година во која таа заокружува пет децении музичка кариера.
„Мојот пат започна во 1976 година, на ‘Златно славејче’. Овој октомври, кога ќе се случи претстојниот концерт во арената ‘Борис Трајковски’, ќе одбележам 50 години. Поминале 50 години, а јас сè уште со мојот откачен Ромео Грил влегувам во студио и правиме музика која е безвременска, на која реагираат и најмлади и постари. Тоа е непроценливо богатство“, рече таа.
Токму траењето, вели Калиопи, за неа има многу поголемо значење од моменталната популарност.
„Лесно е да се биде забележлив на блиц, но тешко е да се трае. Не толку за мене, колку за сите оние кои растеле и живееле со мене, а сè уште ќе живеат и тогаш кога мене ќе ме нема“, додаде пејачката.
Големиот концерт следува по целосно распродадената арена „Борис Трајковски“ во 2024 година и четирите последователно распродадени концерти во „Македонска филхармонија“ во 2025 година. Сепак, Калиопи не сака претстојниот настап да го споредува со концертот од пред две години.
„Велат – овој концерт ќе биде подобар од претходниот. Не може да биде подобар, но може да биде поинаков. Ние се потрудивме да направиме поинаков концепт. Основата, мојот бенд, секако ќе биде таму. Јас си ги сакам луѓето од мојот бенд, тие се моето второ семејство“, рече таа.
Репертоарот ќе опфати песни од различни периоди од нејзината кариера, а Калиопи најавува динамична вечер исполнета со музика, танцување и спомени.
„Што се однесува до репертоарот, ова ќе биде журка. Ова ќе биде ноќ на радоста. Ова ќе биде ноќ кога ќе евоцираме спомени. Секако, нема да ве оставам без одредени балади. Но, многу ќе танцуваме и нема да ве оставам – ќе останете без здив“, порача таа.
На сцената ќе ѝ се придружи и специјален гостин, но неговото име засега останува тајна.
„Да, ќе имам специјален гостин, ама неговото име ќе го откриеме на десет дена пред концертот“, откри Калиопи.
Паралелно со подготовките за концертот, таа продолжува да создава нова музика со својот долгогодишен соработник Ромео Грил. По песната „Бебе“, веќе е подготвена и следната песна – моќна рок-балада на српски јазик.
„Ромео е навистина вонвременски. Сум направила многу свои албуми, многу своја музика и сето тоа допрело до публиката. Но, тој човек има икс-фактор кога станува збор за музиката. Тој ми направи таква песна… И можам да откријам дека ќе биде на српски јазик. Се работи за една многу моќна рок-балада. Секој што ја чу, занеме, како што занемев и јас“, раскажа Калиопи.
Таа откри дека песната ја знаела и претходно, но не ги знаела новиот текст и аранжман, додавајќи дека Ромео Грил „се надминал себеси“. За новото дело планира и видеозапис, кој ќе се снима во Загреб со млада екипа.

Македонски

