Skip to main content

Railway Gazette: Отворена е првата делница од пругата Скопје – Софија

Британското списание Railway Gazette, кое е специјализирано за вести од железничката индустрија, објави прилог за отворањето на пругата Куманово – Бељаковце, која е прв дел од долго-очекуваната пруга до Бугарија.

Премиерот Христијан Мицкоски ја инаугурираше првата делница од идната пруга од Скопје до Софија, која се гради како дел од пан-европскиот Коридор 8 кој ќе го поврзе Јадранот со Црното Море. Делницата беше отворена на 17 јануари, и почнува од Куманово, кое лежи на главната линија на Коридорот 10, и има 30.8 километри и завршува во Бељаковце. Пругата првично беше отворена во 1956 година, но сообраќајот запре во 1994 година поради лошата состојба на железничката инфраструктура. Неколку домашни компании беа ангажирани во 1994 година да ја рехабилитираат линијата, но не постигнаа многу напредок. Страбаг потпиша договор вреден 40 милиони евра за оваа делница во 2022 година, пишува британското списание.

Понатаму се наведува дека вкупната зделка изнесувала 78 милиони евра, и била финансирана од македонската Влада, Европската Унија и организации како ЕБРД.

Оваа линија не е само инфраструктурен проект туку и нова можност за економски развој, подобра поврзаност и просперитет во целиот регион, изјави премиерот Мицкоски. Матеј Закоњшек, директор на постојаниот секретаријат на Транспортната Заедница на ЕУ, во изјава за Railway Gazette рекол дека се работи за „важен чекор со кој ќе се засили одржливиот транспорт и регионалната поврзаност“.

Вицепремиерот Александар Николоски е исто така цитиран со најавата дека на пругата првично ќе се воведат возови два до три пати неделно, а по подобрувањето на капацитетот на Македонски Железници, ќе се започне со работа со полн капацитет.

Списанието исто така наведува дека втората делница од Бељаковце до Крива Паланка веќе се гради, со турската компанија Гулермак како главен изведувач на проектот вреден 155 милиони евра, а дека во почетна фаза е и работата на тендерот за третата делница од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир.

„Првите планови за пруга од Македонија до Бугарија потекнуваат од 1869 година, но ништо не беше изградено. Плановите продолжија да се подготвуваат во 1910 и 1912 година, но напредокот беше попречен од Првата Светска Војна. Во 1942 година почна да се гради од Ѓуешево до Куманово, но работата повторно запре во 1945 година, со крајот на Втората Светска Војна“, додава списанието.

Поврзани вести