
Американскиот претседател Донал Трамп тајно го напуштил минатомесечниот самит на НАТО во Анкара, Турција, со алтернативен воен авион, додека Белата куќа оставила впечаток дека претседателот патува со „Ер Форс Уан“, објави во понеделникот весникот „Вашингтон пост“.
Според извештајот, операцијата била поттикната од закана за атентат врз Трамп од страна на Иран. Тајната операција била организирана така што новинарите и дел од персоналот на Белата куќа верувале дека патуваат со претседателот додека тој го започнувал враќањето кон Вашингтон по годишниот собир на лидерите на земјите-членки на НАТО.
„Вашингтон пост“ се повикува на документи што ги прегледал весникот, американски функционер запознаен со операцијата и уште едно лице информирано за патувањето на претседателот.
Трамп на самитот пристигнал со нов авион, кој бил дополнително преуреден во црвено-бело-темносина комбинација. Но, пред поаѓањето од Турција, тој изјавил дека дел од патувањето назад ќе го реализира со постар модел на „Ер Форс Уан“ во светлосина боја.
Во Анкара, Трамп се качил во постариот претседателски авион пред телевизиските камери, по што леталото требало да полета кон базата на Кралското воено воздухопловство Милденхол во Обединетото Кралство.
Меѓутоа, според извештајот на „Вашингтон пост“, по качувањето во стариот „Ер Форс Уан“, Трамп неколку минути подоцна тајно бил префрлен во помал авион од типот „Ер Форс Ц-32А“.
Претседателот бил пренесен со аеродромско возило за кетеринг, кое вообичаено се користи за доставување храна и други залихи до авионите. Со тој авион Трамп отпатувал до Милденхол.
Белата куќа не одговорила директно на прашањата поврзани со извештајот за тајната операција и за наводниот сложен план со кој требало да се создаде впечаток дека претседателот се наоѓа во светлосиниот „Ер Форс Уан“.
„Како што претседателот неодамна кажа, постојат бројни непријатели на Америка кои го држат на нишан и ние ги користиме сите расположливи средства за да се справиме со тие закани“, изјавил директорот за комуникации на Белата куќа, Стивен Чунг.
Американската Тајна служба одбила да ги коментира наводите. Американските воздухопловни сили, кои управуваат со флотата на владини авиони за превоз на највисоките функционери, ги упатиле прашањата до Белата куќа.
извор: Дојче веле

Македонски


