Skip to main content

Речиси половина од Македонците не можат да си дозволат еднонеделен одмор – Евростат открива каде сме во Европа

Речиси половина од населението во Македонија не може да си дозволи еднонеделен одмор надвор од дома, покажуваат најновите податоци на Евростат за 2025 година. Според статистиката, 48 отсто од населението во Македонија не можело да си дозволи најмалку една недела одмор. Со тоа земјава е меѓу државите со највисок удел на граѓани кои не можат да издвојат доволно средства за одмор.

Полоша е состојбата во Романија, каде што овој удел достигнува 61 отсто, додека повеќе од половина од населението не можело да си дозволи одмор и во Црна Гора – 58 отсто, Албанија – 53 отсто и Турција – 51 отсто.

Во Грција, која е една од најпопуларните туристички дестинации за македонските граѓани, 47 отсто од населението не можело да си дозволи еднонеделен одмор. Во Бугарија и Унгарија уделот изнесува 39 отсто, а во Србија 36 отсто.

За споредба, просекот во Европската Унија е значително понизок. Во 2025 година 27,5 отсто од населението на ЕУ над 16 години не можело да си дозволи еднонеделен одмор далеку од дома. Пред десет години, овој удел бил 35,2 отсто, што значи дека за една деценија е намален за 7,7 процентни поени.

Најголема можност за одмор имаат жителите на најбогатите европски земји. Во Швајцарија и Норвешка само 9 отсто од населението не можело да си дозволи еднонеделен одмор.

Меѓу земјите со најниски стапки се и Луксембург, Шведска, Холандија, Данска, Финска и Словенија, каде уделот е 15 отсто или помалку.

Во Германија околу 21 отсто од населението не можело да си дозволи одмор, додека во Франција овој удел бил 23 отсто.

Податоците покажуваат и значително подобрување во повеќето европски земји во споредба со 2015 година. Во 25 од 30 анализирани земји уделот на луѓето кои не можат да си дозволат еднонеделен одмор е намален.

Најголем пад е регистриран во Хрватска и Србија. Во Хрватска уделот е намален за 33 процентни поени, а во Србија за 32 процентни поени. Значителен напредок има и во Кипар, Ирска, Бугарија и Турција.

Иако во најголем дел од Европа достапноста на одморите е подобрена, разликите меѓу земјите и понатаму се огромни. Податоците на Евростат покажуваат дека можноста едно семејство да си дозволи една недела одмор не е само прашање на туристички навики, туку и показател за животниот стандард, приходите и економската моќ на домаќинствата.