Skip to main content

Македонија под двоен удар: Екстремни температури и пожари на повеќе локации низ државата

Македонија повторно е под удар на силен топлотен бран. Поради екстремно високите температури, целата земја е во портокалова фаза, а според прогнозите на Управата за хидрометеоролошки работи, жешкото време ќе продолжи и во текот на следната недела.

Покрај горештините, високите температури дополнително го зголемуваат ризикот од пожари, па во изминатите денови активни огнени жаришта се регистрирани на повеќе локации низ државата. Од Центарот за управување со кризи информираат дека комбинирани тимови од повеќе институции се постојано на терен и интервенираат таму каде што е најкритично.

Со пожари на неколку локации се справуваат и екипите на Противпожарната бригада на Град Скопје.Oттаму велат дека пожарникарите се во постојана готовност и активно работат на локализирање на пожарите и санирање на последиците.

Активен пожар има и на депонијата во Крива Паланка, каде што гори отпад. Градоначалникот Сашко Митовски соопшти дека во гаснењето се ангажирани комбинирани екипи кои вложуваат напори пожарот целосно да биде ставен под контрола.

Надлежните и натаму предупредуваат дека опасноста од појава и брзо ширење на пожари останува исклучително висока. До граѓаните е упатен апел да не палат оган на отворено, да избегнуваат престој во шумските предели во најтоплиот дел од денот и веднаш да пријават доколку забележат чад или пожар.

Поврзани вести