
Македонија, Србија и Словенија планираат заеднички да конкурираат за организација на машкото Европско првенство во ракомет во 2034 година, јавија српските медиуми.
Според планот, Европското првенство би се играло во Македонија, Србија и Словенија, при што секоја од трите земји би била домаќин на по две групи.
“Во изминатите денови имавме три состаноци со претставниците на федерациите на Македонија и Словенија и начелно се договоривме околу сè. Пред официјално да ја објавиме заедничката кандидатура, потребна ни е согласност. Договорот е Европското првенство да се игра во три држави, во секоја да има по две групи, а Србија да биде домаќин на финалниот викенд“, изјави првиот човек на српскиот ракомет Божидар Ѓурковиќ.
Српскиот сојуз очекува кандидатурата да биде поднесена откако ќе биде добиена согласност од сите три федерации. Според Ѓурковиќ, сите три земји имаат организациски можности за реализација на големото натпреварување.
Доколку кандидатурата биде прифатена, Македонија би била еден од трите домаќини на Европското првенство во 2034 година, со што би добила можност да биде дел од организацијата на едно од најголемите ракометни натпреварувања во Европа.
Европското првенство во 2028 година ќе се одржи во Португалија, Шпанија и Швајцарија, во 2030 година домаќини ќе бидат Чешка, Данска и Полска, додека шампионатот во 2032 година ќе го организираат Германија и Франција.

Македонски


