Skip to main content
-nRZ78iuc_s

Пожарите во Франција донесоа чудо – исчезнатиот мачор Моцарт се врати дома по 17 години

Големите пожари што ја зафатија француската област Жиронда доведоа до несекојдневна и емотивна средба. За време на спасувањето на животни од загрозените подрачја, волонтери го пронашле 18-годишниот мачор Моцарт, кој исчезнал уште во 2009 година, пренесува „Еуроњуз“.

Неговата сопственичка, Елизабет-Софи Стивенс, вели дека веднаш го препознала кога ја видела неговата фотографија.

„Веднаш го препознав. Неверојатно е“, изјавила таа за весникот „Суд-Уест“, откако на 25 јули добила повик од волонтери кои учествувале во спасувањето на животни погодени од пожарите.

Меѓу волонтерите била и Ан-Софи Жуан, која веќе две недели со сопственото возило ги обиколува подрачјата уништени од пожарите за да спаси што е можно повеќе домашни и диви животни.

Еден ден ѝ се јавила постара жена, сместена во прифатен центар во изложбениот комплекс во Бордо, и ја замолила да ги земе нејзините куче и мачка од местото Леж-Кап-Фере.

„Ги пронајдовме, но кога му го прочитавме микрочипот на мачорот, сфативме дека сопственикот запишан во регистарот не е лицето што нѐ повика“, раскажала Жуан за весникот „Фигаро“.

Вистинската сопственичка на Моцарт денес живее во околината на Дижон. Таа го вдомила мачорот додека била студентка во Бордо.

Според нејзините зборови, Моцарт често знаел да исчезне на неколку дена, но секогаш се враќал дома. Сепак, кога излегол во 2009 година, повеќе никогаш не се појавил.

Затоа била шокирана кога минатата недела добила фотографија од волонтерите.

Подоцна било утврдено дека Моцарт со години мирно живеел во друго семејство.

„Можно е во почетокот само да го хранеле, а потоа постепено да го прифатиле како свој миленик. Во секој случај, не станува збор за намерна кражба. Никој овде немал лоши намери“, изјавила Ан-Софи Жуан.

Мачорот, кој сега има 18 години, е во добра здравствена состојба, а здружение за заштита на животните наскоро ќе го врати кај неговата сопственичка.

Таму ќе го запознае и Ганди, новиот мачор на Елизабет-Софи Стивенс, кого таа веќе со насмевка го нарекува негов „брат“.

Поврзани вести