Skip to main content

МВР: Засилени контроли за брзината и викендов во рамки на европската акција на „Роудпол“

Министерството за внатрешни работи информира дека и во текот на претстојниот викенд ќе продолжат засилените сообраќајни контроли за почитување на ограничувањата на брзината, во рамки на координираната европска акција на Европската мрежа на сообраќајни полиции „Роудпол“ (ROADPOL).

Како што соопшти МВР, во периодот од 3 до 9 август Секторот за сообраќајни работи спроведува интензивни контроли насочени кон откривање и санкционирање на возачи кои управуваат моторни возила со брзина поголема од дозволената.

Од Министерството посочуваат дека прекумерната брзина е една од најчестите причини за тешки сообраќајни незгоди со сериозни последици и оти секое пречекорување на ограничувањето го зголемува ризикот од сообраќајна несреќа и ја намалува можноста за навремена реакција.

МВР апелира до возачите да ја намалат брзината, да ја приспособат на условите на патот и да управуваат со возилата одговорно.

Почитувањето на ограничувањата значи поголема безбедност за вас, за вашето семејство и за секој друг учесник во сообраќајот. Нашата цел е една – секој човек безбедно да стигне до својата дестинација. Намали брзина. Спаси живот – наведуваат од МВР.

Од Министерството потсетуваат дека акцијата е дел од меѓународните активности за зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на жртви на патиштата.

Поврзани вести