
Несекојдневна ситуација се случила на граничниот премин Градишка, кога 46-годишниот Марко Ковачевиќ од Приједор продолжил кон Германија, не забележувајќи дека неговата сопруга останала на границата. Марко и неговата сопруга Јелена рано наутро тргнале од Приједор кон Минхен, каде што живеат и работат. Поради зголемената гужва, на граничниот премин извесно време чекале во колона.
Додека се приближувале кон контролата, Јелена излегла од автомобилот за да оди до тоалет. Во меѓувреме, Марко го придвижувал автомобилот заедно со колоната и, како што подоцна објаснил, бил убеден дека сопругата се вратила и седнала на задното седиште, меѓу багажот. По граничната контрола продолжил кон Хрватска, а дека Јелена воопшто не е во автомобилот сфатил дури неколку километри подоцна. Се обидел да разговара со неа, но не добил одговор. Кога погледнал назад, сфатил дека седиштето е празно. Веднаш го запрел автомобилот на безбедно место и ѝ се јавил на сопругата. Таа сè уште била на граничниот премин и се обидувала да разбере каде исчезнал автомобилот.
„Мислев дека се шегува. Излегов на неколку минути, се вратив, а автомобилот го нема. Прво помислив дека само го придвижил напред. Потоа сфатив дека навистина ја поминал границата без мене“, раскажала Јелена.
На Марко не му било едноставно да се врати назад. Откако ја поминал границата, морал да најде место за промена на насоката и повторно да ја помине граничната процедура. По извесно чекање, сопружниците повторно се сретнале и без нови проблеми го продолжиле патувањето кон Германија.
Јелена остатокот од патувањето го поминала на совозачкото седиште, а на сопругот му дала совет — следниот пат добро да провери кој е во автомобилот пред да тргне.
„Следниот пат, ако излегувам на граница, со себе ќе ги земам и клучевите“, се пошегувала таа.

Македонски


