
Претседателот на Собранието Африм Гаши остварил средба со амбасадорката на Словачката Република во земјава, Н.Е. Ивета Хрицова.
Како што информираат од собраниската прес-служба, на средбата е дискутирана традиционално блиската и пријателска соработка меѓу Македонија и Словачка, со посебен акцент на континуираниот политички дијалог и словачката поддршка за европските интеграции на нашата земја.
Гаши изразил благодарност за принципиелната поддршка од Словачка во процесот на пристапување кон Европската Унија, како и за поддршката преку Вишеградската група во промовирањето на политиката на проширување и европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

Амбасадорката Хрицова на средбата разговарала за унапредување на парламентарната соработка, особено преку пратеничките групи за соработка и размената на искуства меѓу парламентарните институти на двете земји.
Соговорниците ја истакнале и важноста од понатамошно продлабочување на економската, образовната и културната соработка.
Во тој контекст, како што се посочува во собраниското соопштение, било потврдена заедничката заложба за продолжување на интензивниот институционален дијалог и користење на парламентарната дипломатија како значаен инструмент за натамошно унапредување на билатералните односи.

Македонски


